ВО ГРАДИНКИТЕ ВО СТРУМИЦА НЕМА ДА СЕ ПРИМААТ НОВИ ДЕЦА ОТИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ НЕ ОДОБРУВА ВРАБОТУВАЊЕ НА КАДАР

    ВО ГРАДИНКИТЕ ВО СТРУМИЦА НЕМА ДА СЕ ПРИМААТ НОВИ ДЕЦА ОТИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ НЕ ОДОБРУВА ВРАБОТУВАЊЕ НА КАДАРАлармантна е состојбата во ЈОУДГ „Детска радост“ каде 15 воспитувачки, негувателки и друг кадар во изминативе 12 месеци се пензионирале, а Министерството за финансии не дало зелено светло за ниту едно вработување, иако станува збор за испразнети места. (Фото: СДК.МК)

    Под знак прашање е приемот и одржувањето на постоечкиот број згрижени деца во струмичките градинки откако Владата не одобри ниту една согласност за вработување во овие установи. Алармантна е состојбата во ЈОУДГ „Детска радост“, каде што 15 воспитувачки, негувателки и друг кадар се пензионирале во изминативе 12 месеци, а Министерството за финансии не дало зелено светло за ниту едно вработување, иако станува збор за испразнети места.

    Директорката на градинката „Детска радост“ Фроска Хаџитосева вели дека се принудени наесен да затворат две групи оти ќе нема кој да се грижи за децата.

    „Побаравме од Министерството за финансии да ни овозможи барем 10 вработувања, но, за жал, бевме одбиени. Принудени сме од септември да го намалиме реалниот капацитет за уписи, а доведена е во прашање и грижата за досега запишаните деца. Ако не се сменат работите до есен, две детски групи ќе мора да ги затвориме, оти уште пет вработени ќе одат во пензија. Ние буквално немаме кадар“, кажа директорката Хаџитосева.

    Во клоновите на „Детска радост“ згрижени се околу 860 деца, кои се поделени во 42 групи, од кои 38 се јасли.

    Идентична е сликата и во градинката „Виножито“, каде што се сместени околу 300 деца. И тие побарале согласности за вработување на кадар, но од Министерството за финансии добиле одговор дека пари не се обезбедени.

    „‘Виножито‘ е најголемата градинка во државата. Но, не работи со полн капацитет. Имаме уште три занимални во кои можеме да згрижиме дополнителни 70 деца, но не добиваме согласности за вработување. Се надеваме дека ќе нè слушнат надлежните министерства и ќе ни одобрат вработување на најнеопходниот персонал за работа. Не сакаме да ги држиме родителите во неизвесност дали од септември ќе има каде да ги згрижат своите деца“, кажа Софија Димитриевска, директорка на градинката „Виножито“.

    Реакциите на директорките на градинките во Струмица дојдоа откако Министерството за финансии дало 170 согласности за вработување на воспитувачки, негувателки и друг кадар неопходен за работа во градинките во седум градови во Македонија, но не и во Струмица. Како што кажаа, со овој начин се дискриминираат струмичките деца. Тоа беше и повод за препукување на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ на локално ниво кој повеќе има инвестирано и се грижи за децата во оваа општина.

    Градоначалникот на Општина Струмица Костадин Костадинов вчера изјави дека Општината сама ќе најде решение за вработување на потребниот кадар откако Министерството за финансии раководено од Гордана Димитриевска-Кочовска и Министерството за труд и демографски политики, каде министер е Фатмир Лимани, одбија да дадат согласност за ангажирање нови негувателки.

    „Општина Струмица и јас нема да дозволиме децата да страдаат поради терање партиски инает и непринципиелни предизборни агенди. Итен ребаланс на буџетот само за тој основ е навистина неопходен. Очекувам дека потребните негувателки, воспитувачи и технички персонал за многу брзо време ќе почнат да работат со дечињата во нашите градинки“, рече Костадинов.

    За проблемот со испразнетите места и немање кадар во градинките „Детска радост“ и „Виножито“ се расправаше и во Советот на Општина Струмица. Сите се согласија дека во интерес на децата треба да се најде решение и ја повикаа министерката Димитриеска-Кочоска да најде време за средба.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира