По давањето на потписите од ДУИ за добивање мандат за формирање влада, СДСМ за денес попладне закажа седница на Централниот одбор на партијата на која треба да донесат формално одлука за мандатар да биде лидерот Зоран Заев. Социјалдемократите треба да донесат одлука кога од претседателот Ѓорге Иванов ќе го бараат мандатот за влада.
Пратеникот Артан Груби денес изјави дека за ДУИ секогаш значајна била содржината а не формата.
“Значајно за нас е да ги исполниме барањата и очекувањата на Албанците, додека учеството во Влада или поддржување малцинска влада ќе се разгледува дополнително, затоа што првенствено и најбитно за нас беше да се постигнат албанските барања како апсолутен предуслов“, напиша Груби на својот фејсбук профил.
Портпаролот на партијата Бујар Османи синоќа изјави дека давањето потписи е да се запази рокот за локалните избори, но тоа сè уште не значи дека ДУИ ќе учествува во владата.
“Во игра остануваат сите опции. Дискутиравме и за опцијата да останеме во опозиција или да дадеме поддршка за малцинска влада, бидејќи не е во наш интерес да учествуваме во владата по секоја цена. Има различни мислења, ќе продолжиме со состаноците“, изјави Османи по завчерашната седница на претседателството на ДУИ.
Османи најави дека до понеделник ДУИ ќе донесе конечна одлука, дали да учествува во владина коалиција, или ќе оди во опозиција.
ВМРО-ДПМНЕ, која синоќа имаше седница на извршниот одбор за време на која по локалните штабови во неколку градови низ земјава имаше протестни собири, денес преку соопштение објави дека целосно се спротивставува на „обидите да се игнорира и изигра волјата на мнозинството Македонци, но и волјата на припадниците на останатите етнички заедници кои својот глас го дадоа за коалицијата За подобра Македонија“.
„Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ анализирајќи ја актуелната политичка состојба заклучи дека неповратно е погазено правилото на коалицирање на победничките партии во македонскиот и албанскиот блок, без разлика дали ДУИ ќе одлучи да коалицира со СДСМ или само ќе даде поддршка за формирање на малцинска влада на СДСМ без учество на ДУИ во идната извршна власт. Дел од членовите на предлог-законот за јазици на кој што се согласил СДСМ, а беа обелоденети во медиумите, се целосно неприфатливи за ВМРО-ДПМНЕ и исклучително опасни и штетни по државните и националните интереси. Ваквите предлози и отстапки на СДСМ може да предизвикаат долгорочна штета и носат огромен потенцијал за да предизвикаат тензии и нестабилност на подолг период. Истовремено, голем дел од решенијата кои беа обелоденети со ништо нема да им помогнат за подобар живот на Албанците во Македонија“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ и додава: “Извршниот комитет заклучи дека партијата и избраните пратеници ќе се спротивстават на донесувањето на ваков катастрофален закон и ќе преземат соодветни мерки за да ја заштитат волјата на мнозинството“.