Мешовита група театарџии од Македонија и Бугарија ја поставија урнебесната комедија „Ајвар или лутенка“ која вчера имаше премиера во Битола, а во која на смешен начин е прикажан спорот меѓу двете држави. Преставата е работена по текстови од Билјана Крајчевска (Македонија) и Здрава Каменова (Бугарија), во режија на Гергана Димитрова (Бугарија) и е копродукција помеѓу културната организација „36 Мајмуни“ од Софија, и Интимен Театар од Битола.
Една од репликите во претставата вели дека на Балканот не е добрососедски ако не се скараш со соседот, укажувајќи на честите конфликти поради историските разлики, додека луѓето ги тиштат исти проблеми со лошо здравство, скапотија, безидејност…
„Гоце Делчев се залагал за културно разбирање меѓу народите, а ние се караме и не можеме да се разбереме чиј е. Ако не се скараш со соседот, не е балканси, а најмногу обожаваме да се караме за херои“, велат во претставата актерските Софија Ристевска-Петрушева од Македонија и Деница Даринова од Бугарија.
На шеговите начин продолжуваат кавгите за тоа кој народ е постар, чии се народни песни се поубави, чиј јазик е помилозвучен, чие писмо е подобро, кој народ е пољубезен.
„Александар Маедонски на коњ ја донесе границата на Македонија дури до Индија, а ни едно благодарам не научивме да кажеме. Ако ја однесеше до Јапонија можеби ќе научевме да се клањаме“, вели Ристевска во „Ајвар или лутенка“.
Поделени, со историски недоразбирања и политички кавги, сепак од двете страни на границата луѓето ги мачат исти секојдневни проблеми. Се кажува дека цената на становите расте како што расте процентот на Македонци кои вадат бугарски пасоши за работа низ Европа, на работните места не се напредува според квалитет, се краде, младите сè поретко создаат потомство. За на крај двете актерки да се најдат во софиската болница, едната со стомачен вирус, а другата со изгореници од лутеница, двете соочени со неефикасниот здравствен систем каде цел ден не можат да стасаат до доктор.
Ж. ЗДРАВКОВСКА