МОЖНО Е СМИСЛЕНО СЦЕНАРИО СО ПОЖАРИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА, РЕЧЕ МИНИСТЕРОТ ТОШКОВСКИ

    МОЖНО Е СМИСЛЕНО СЦЕНАРИО СО ПОЖАРИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА, РЕЧЕ МИНИСТЕРОТ ТОШКОВСКИМногу е симптоматично што како се неутрализира еден пожар, почнува втор, а како се неутрализира втор, стартува трет пожар, се сомнева Тошковски во намерно подметнување на пожарите (Фото: Принтскрин од видео на Влада на РСМ)

    Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вечерва по состанокот на Kризниот штаб во Владата, кажа дека сите денешни пожари се ставени под контрола, но и оти има докази дека се намерно подметнати и распламтени. Тој рече дека нема да ја загрозува предистрагата и да открива детали, но станало пресимптоматично што како се гасел еден, веднаш стартувал друг, па трет итн.

    Во Чучер-Сандево, рече тој, вчера биле најдени запалени гуми.

    „Морам да напоменам дека можеби се работи за поинакво сценарио, од случајност. Во текот на вчерашниот ден фативме лице кое со умисла палеше оган. Лицето беше пронајдено и му беше изречена најстрога мерка, притвор. Многу е симптоматично како се неутрализира еден пожар, почнува втор, а како се неутрализира втор, стартува трет пожар. Од страна на МВР сум информиран дека се сомневаат оти станува збор за одредено сценарио кое сака да се постигне во Македонија“, рече тој.

    Вчера директорот на дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов кажа дека имало обид намерно повторно да се реактивира пожарот кај Чучер-Сандево кој беше ставен под контрола и додека пожарникарите го догасувале пожарот нашле фрлени дрвени палети премачкани со бензин.

    Тошковски додаде дека симптоматично е и тоа што дел од пожарите се до инфраструктурни објекти.

    Кажа дека се ставени под контрола пожарите во Орман, Волково, Визбегово, Крива Паланка, Самоков и Дојран.

    Министерот рече дека во гаснењето на пожарите, повикана е европска помош, па грчки канадери помогнале во Дојран.

    Центарoт за управување со кризи (ЦУК) соопшти дека до 18 часот, на територијата на државата се евидентирани вкупно 25 пожари на отворен простор, од кои 21 се активни, а 4 се изгаснати. Од ЦУК велат дека ангажирани се припадници од Армијата, кои активно учествуваат во гаснењето на повеќе позиции.

    Граѓаните во областите каде има пожар и чад да ги исклучат климатизерите и вентилацијата што внесува надворешен воздух, стои во вонредните препораки од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), откако многу населени места низ државата се во чад.

    Сообраќајот на обиколница Скопје е нормализиран во двата правци, откако од 17 часот беше затворена за сообраќај на неколку делници. Пуштен е и сообраќајот кон Граничен премин (ГП) Блаце, но само за патнички возила, а останува во важност забраната за движење на товарните возила.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира