ОСУМ ДЕНА КУЌЕН ПРИТВОР ЗА ТЕПАЧОТ НА АРСОВСКА

    ОСУМ ДЕНА КУЌЕН ПРИТВОР ЗА ТЕПАЧОТ НА АРСОВСКАЗа првосомничениот напаѓач на Арсовска се бара притвор, а за вториот мерки на претпазливост. (Фото: Фејсбук)

    Основниот кривичен суд Скопје му одреди осумдневен куќен притвор на С. Љ., осомничен за физички и вербален напад врз градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска. Кривичен му одреди куќен притвор и покрај тоа што Обвинителството бараше да му биде одредена мерка ефективен притвор. На второосомничениот, С.Љ., судот му одреди мерки на претпазливост, како што бараше обвинителство. Судот кажа дека осомничените имаат право на жалба против судските решенија.

    Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против двете лица кои вчера ја нападнаа градоначалничката Арсовска на Бит Пазар при увид на дивоградба спроти Полициската станица во Чаир. Осомничени се за кривично дело – Насилство од член 386 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

    „Првоосомничениот вчера се заканувал и физички ја нападнал градоначалничката на Скопје, која заедно со вработени во градските служби, по претходна пријава, излегле да извршат вонреден надзор на нелегален објект во градба на улицата Севастополска. Тој се претставил како сопственик на објектот во градба, па почнал грубо да ја навредува, да и се заканува, по што и физички ја нападнал. Кога изреагирале останатите вработени во градските служби и припадниците на МВР и го тргнале првоосомничениот, со закани продолжило и второосомниченото лице. Со чинот на насилство двајцата осомничени во јавноста и кај другите присутни лица предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв“, соопшти Обвинитeлството.

    Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за првоосомничениот, пред се поради ризикот да го повтори, односно да го изврши делото со кое се заканувал, но и поради опасноста од бегство. За вториот осомничен предложи мерки на претпазливост кои вклучуваат забрана за приближување и воспоставување контакт со градоначалничката и другите оштетени, забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, одземање на патната исправа и повремено јавување кај определено службено лице во судот.

    „За првиот осомничен судот определи мерка куќен притвор. Обвинителството не е задоволно од ваквата одлука и ќе вложи жалба, барајќи ефективен притвор поради наведените ризици во првичното барање. Во однос на вториот осомничен, предложените мерки на претпазливост се прифатени и определени“, соопшти ОЈО.

    Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска одобри 24-часовно полициско обезбедување на градоначалничката Арсовска, согласно безбедносната проценка направена од Агенцијата за национална безбедност (АНБ) по вчерашниот напад.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира