„Му благодарам на Министерството за култура што не ни даде пари за овој концерт, уште еднаш нѐ увери мојот менаџер и мене дека можеме сами да си организираме“, рече Игор Џамбазов на прес-конференција во Охрид, пред утрешниот (19 јули) концерт на Антички театар од 21 часот.
Ова е прв концерт на Џамбазов со „Гуру Харе бенд“ во Охрид по 27 години. Актерот вели дека концертот му бил дамнешна желба која со годините му поминала, па сега му се вратила. Идејата била на менаџерот Васко Павлески од продукција „Фреш унион“.
„Дваесет и седум години немам настапено со бенд во Охрид, никој ме немаше покането. На Антички театар, кој за мене е една магична сцена имам пеено само како гостин на групата ‘Нокаут’, а утре ќе ми биде прв концерт. Десет години немам стапнато во Охрид, во центарот на градот, сега се потсетив какви се гужвите за паркинг среде сезона. Сега се чувствувам дека го изневерувам Дојран со Охрид. Езеро има и овде и таму, ама цените се различни“, ни рече Џамбазов.
На концертот во Охрид, гости ќе му бидат Никола Перевски-Пере од групата „Нокаут“ и Тамара Тодевска, негови стари соработници.
„Ќе се потрудиме за два ипол часа публиката да се опушти и да ужива во концертот. Овојпат сме засилени со два женски придружни вокали, и затоа ќе звучиме подобро“, вели Џамбазов.
Актерот вели дека се изненадил од сметката за ручекот во еден охридски хотел кој го платил 3.600 денари за порција месо, салата и вода, само за него.
„Кафето го платив 220 денари, тоа го нема во Дојран“, ни рече Џамбазов.
Со колегите од неговиот матичен Македонски народен театар (МНТ), сношти во Домот на култура „Григор Прличев“ ја играше претставата „12“ во рамките на Охридско лето, и вели дека е задоволен од приемот на публиката. По концертот, Џамбазов се враќа во Дојран каде што е во завршна фаза неговата куќа со поглед на езеро.
М. ЏАРОВСКА