МУ СЕ ЈАВИВ НА ПУТИН И СПРЕМАМ СРЕДБА СО ЗЕЛЕНСКИ, РЕЧЕ ТРАМП

    МУ СЕ ЈАВИВ НА ПУТИН И СПРЕМАМ СРЕДБА СО ЗЕЛЕНСКИ, РЕЧЕ ТРАМППо објавата на Трамп, германскиот канцелар Фридрих Мерц вчера изјави дека се очекува Путин и Зеленски да се сретнат во следните две недели. (Фото: ДПА)

    Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека разговарал по телефон со рускиот претседател Владимир Путин и дека започнал со закажување средба меѓу него и украинскиот претседател Володимир Зеленски.

    „Му се јавив на претседателот Путин и започнав со подготовките за средба, на локација што ќе се утврди дополнително, меѓу претседателот Путин и претседателот Зеленски“, рече Трамп во објава на неговата социјална мрежа Трут соуашал по вчерашната средба во Белата куќа со Зеленски и европските лидери. „По таа средба, ќе имаме трилатерала, на која би биле двајцата претседатели, плус мене“, рече Трамп, велејќи дека ова е „многу добар, ран чекор за војна што трае речиси четири години“.

    Трамп рече дека потпретседателот на САД Џеј Ди Венс, државниот секретар Марко Рубио и специјалниот пратеник Стив Виткоф „се координираат со Русија и Украина“.

    Иако Кремљ јавно не ја објави својата согласност, висок функционер на американската администрација рече дека состанокот Путин-Зеленски би можел да се одржи во Унгарија.

    По објавата на Трамп, германскиот канцелар Фридрих Мерц вчера изјави дека се очекува Путин и Зеленски да се сретнат во следните две недели.

    Мерц рече дека локацијата на билатералниот состанок сè уште не е договорена и нагласи дека ќе треба темелно да се подготви.

    „Според мене, би било пожелно – и повеќе од тоа – ако овој состанок конечно доведе до прекин на огнот во Украина“, рече канцеларот.

    Мерц нагласи дека Украина не треба да биде присилена да отстапи која било територија. Канцеларот предупреди дека барањето на Русија за Украина да се откаже од окупираните делови на Донбас би било споредливо со тоа „САД да мора да се откажат од Флорида“. Суверена држава не може едноставно да одлучи нешто такво, рече тој.

    Канцеларот рече дека европските партнери силно ја поздравиле најавата на Трамп дека ќе ѝ обезбеди на Украина безбедносни гаранции. Овие гаранции, додаде тој, се резултат на долги и интензивни дискусии.

    „Во случај на мировен договор, ќе има соодветни безбедносни гаранции за Украина“, рече Мерц.

    Трамп и Зеленски вчера во Белата куќа разговараа насамо пред да се приклучат на контингентот европски лидери, меѓу кои и шефовите на Велика Британија, Германија, Франција, Италија, Финска, Европската Унија и НАТО, за повеќе од два часа мултилатерални разговори.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира