ТАЖНО Е ШТО ЗБОРУВАМЕ ЗА ОПСТАНОК НА СКОПЈЕ НАМЕСТО ЗА РАЗВОЈ, РЕЧЕ ГОРАН МАРКОВСКИ, КАНДИДАТ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИК ОД „НЕЗАВИСНИ ЗАЕДНО“

    ТАЖНО Е ШТО ЗБОРУВАМЕ ЗА ОПСТАНОК НА СКОПЈЕ НАМЕСТО ЗА РАЗВОЈ, РЕЧЕ ГОРАН МАРКОВСКИ, КАНДИДАТ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИК ОД „НЕЗАВИСНИ ЗАЕДНО“Марковски рече дека со стручност, компетентност и знаење Скопје може да почне да стане чист, безбеден и зелен град.(Фото: К.Попов)

    Професорот и декан на Градежниот факултет Скопје при државниот универзитет „Свети Кирил и Методиј“ денеска објавувајќи ја кандидатурата за градоначалник на Скопје, најави дека со стручност, знаење и компетентност Скопје може да биде чист, функционален и безбеден град. Марковски кој е кандидат на граѓанската платформа „Независни заедно“ рече дека се нафатил да биде кандидат за градоначалник поради проблемите со кои сите ние се соочуваме како граѓани и во 21 век сме доведени да зборуваме за опстанок, а не за развој.

    Скопје плаче, Скопје се гуши, тоне во смет, Скопје се суши. Нашето Скопје бара помош, Скопје моли за шанса од оние кои искрено го сакаат, знаат и умеат како да му помогнат. Нашето валкано, загадено, заматено, дехидрирано, депримирано Скопје бара шанса како никогаш до сега. Бара јасна визија за својот развој, бара одговорност и компетентност. За мене беше веќе невозможно да го слушам крикот на нашето напатено Скопје. Крикот на мојот роден град и град кој останува без својот идентитет“, рече Марковски.

    Кажа дека наместо да говориме на дигитализација и употреба на вештачка интелигенција, за нови модели на јавен превоз, за зелени градби, за нулта смртност на улиците, ние зборуваме за нашиот опстанок. Па оттука главни приоритет за него како градоначалник ќе бидат загадувањето и јавниот превоз.

    Ние за жал не можеме да зборуваме за високи приоритети туку за опстанок. Токму затоа загадувањето ќе биде мој приоритет и проблем број еден кој треба да се реши, но не декларативно. Тоа е разлика меѓу инжинерите и другите, инжинерите ги решаваат проблемите, токму така и ќе пристапам со конкретни решенија за овие проблеми. Имаме точни решенија како да го намалиме загадувањето, како да го решиме сообраќајот, како да направиме зелен обрач околу Скопје, како да овозможиме безбедноста на граѓаните во поглед на користење велосипеди и движење пеш“, рече Марковски.

    На прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК дали ќе може да се справи со сите проблем во градот кои се наталожени со години, со бетонизацијата на градот, узурпацијата на секоја слободна површина, уништениот јавен превоз и комунални претпријатија, како и партизацијата на институциите, Марковски рече дека колку ситуацијата е потешка, предизвикот е поголем.

    Не се сомневам дека ќе можат да се справам, не треба да има сомнеж дека ќе се внесе целосна енергија, знаење и стручност. За 4 години не можеме да го направиме Скопје Љубљана или европски град како што би сакале, но можеме да тргнеме во правецот кој го посакуваме“, рече Марковски.

    Првиот круг на локалните избори ќе се одржат на 19 октомври, а вториот круг на 2 ноември.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира