Сведок на крвавата љубовна разврска во Велес, бил актуелното момче на убиената Росица К. (31 год), дело кое го сторил нејзиниот поранешен партнер Илија С (39 год) од Скопје, во напад на љубомора. Реконструкцијата на убиството според повеќе релевантни извори е дека, сторителот Илија С. дошол во домот на таткото од неговата поранешна девојка Росица К., каде прво го убил татко ѝ Киро К (74 години).
Дали Илија ѝ се јавил на Росица да дојде да го види татка си, или таа дошла самоиницијативно оти не ѝ се јавувал на телефон, ќе открие вештачењето на двата пронајдени мобилни телефони, на местото на злочинот во куќата на ул. Кочо Рацин бр. 6.
Росица дошла заедно со нејзиното момче и го пронашле мртов на каучот татко ѝ Киро К.
Тогаш девојката ја нападнал поранешниот партнер, Илија С., ѝ задал шест убодни рани со нож, од нив две во вратот. Неа во прегратки трчајќи ја изнел пред куќата во дворот, сегашниот дечко, дошла Брза помош и ја пренело девојката во Велешката болница. Илија се заклучил во соба, па со шест убоди од нож во врат, се самоповредил. Итната помош и него го пренела во Велешката болница. И во двата случаја, обидите за реанимација траеле по 45 минути за двете повредени лица, но не дале резултат.
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Велес дало наредба за вештачење на пронајдените предмети, а телата се предадени на обдукција. Оваа институција немала добиено известување дека Илија С. не ги почитувал изречените мерки. Постапката за неизвршување на судска одлука била во тек.
Утрово Обвинителството ја добило судската пресуда од Основен суд Велес, за двете кривични дела за кои му се судело, а ги извршил пролетта над Росица – загрозување на сигурноста при вршење семејно насилство од 20 февруари и за насилство од ноќта на 3-4 март годинава. Обвинетиот добил условна затворска казна.
Обвинителниот предлог ОЈО Велес до Основен суд Велес го поднел бргу по настаните, на 10 април.
„Во рамките на оваа постапка, ОЈО Велес нареди и психијатриско вештачење на обвинетиот, а вештото лице се произнесе дека тој не боледува од душевна болест, бил пресметлив во моментот на сторување на делото, бил способен да го сфати значењето на своите постапки и кај него не е регистрирана патолошка опсесивност или патолошка фиксација кон оштетената“ , соопштија од ОЈО Велес.
По објавата на пресудата, утрово, со решение му биле укинати другите мерки на претпазливост кои беа на сила во текот на постапката, но на сила до правосилноста на пресудата останала мерката – забрана за приближување и воспоставување контакти со оштетената и нејзиниот партнер, определена по барање на обвинителството.
„На 21 мај годинава оштетената го пријавува обвинетиот во ОЈО Велес за неизвршување на судска одлука, бидејќи и покрај дополнителните мерки за заштита од семејно насилство изречени и во граѓанска постапка, тој не ги почитува и продолжува да и испраќа пораки и фотографии со обид да оствари комуникација со неа, а на 18 мај се приближил до нејзиниот дом ѝ го одзел и го запалил автомобилот во сопственост на нејзиниот татко. По оваа пријава, ОЈО Велес на 26 јуни годинава издаде наредба до МВР за обезбедување докази од телефонската комуникација, како и четири наредби за обезбедување снимки од видео надзор
од различни локации во градот. По овие наредби МВР постапува“, дополнија од ОЈО Велес.
Попладнево СВР Велес излезе со информација за вкупниот број на поплаки на Росица К. и Илија С. поднесени до полицијата. Росица К. пријавила на 26 јануари, 21 февруари, 4 март, 18 мај пријава дека на неколку локации во градот има испишани графити со навредливи и заканувачки содржини каде со име е пишана таа, истиот ден бил украден автомобилот на татко ѝ и опожарен, на 19 јуни на влезна врата од продажен објект било најдено залепено УСБ, каде имало слики и видео записи со експлицитна содржина од нејзе и Илија С.
И тој во три наврати, на 9 февруари, 22 мај и 5 јуни ја пријавил во полиција поранешната девојка Росица К.
П. ПЕЧКОВ