Стејт департментот во извештајот за човековите права и слободи за минатата година го нотира и мистериозниот случај на ексразузнавачот Ѕвонко Костовски, кој е осуден на тригодишна затворска казна за помагање во случајот „Пуч“. До денеска, никој во јавноста не ја видел таа спогодба на Костовски и Јавното обвинителство на Марко Зврлевски, па дури ни Врховниот суд, кој пет месеци чека предметот да дојде таму и конечно да почне да се разгледува Барањето за заштита на законитоста на постапката.
Иако сите го прозиваат Основниот суд Скопје 1 дека не му го дава на СЈО предметот заедно со спогодбата на Костовски, за да може СЈО да го однесе во Врховниот суд и таму да почне расправата по барањето, САКАМДАКАЖАМ.МК дознава дека цело време спогодбата е во Републичкото јавно обвинителство. Таму била зашто ова Обвинителство првин сакало да поднесе барање за заштита на законитоста (БЗЗ) по некој друг основ, и таму останала.
Со БЗЗ-то, највисокиот суд треба да испита дали спогодувањето за признавање на делото било според законот. Во октомври лани, БЗЗ за случајот Костовски побара Специјалното јавно обвинителство.
„Извештајот на експертската група на Европската комисија од јуни 2015 година покрена сомнежи дали била фер пресудата за Звонко Костовски, обвинет во т.н. случај „Пуч“. Костовски, контраразузнавач во МВР, призна дека е виновен за шпионажа и нелегално пресретнување на комуникации и беше осуден на три години затвор. Костовски тврдел дека тој ги снимил компромитирачките разговори со цел лидерот на опозициската СДСМ Зоран Заев да го уценува поранешниот премиер Никола Груевски да ја вклучи СДСМ во владата. Во извештајот, експертската група (на Прибе н.з.) изрази сомнеж дека било невозможно да се знае до кој степен фактите ја поткрепувале спогодбата и дали малата казна изречена од судијата била награда за учество во заташкување на вклученоста на други“, се наведува во извештајот на Стејт Департментот.
Таму е нотирано кога СЈО побара заштита на законитоста на постапката за спогодбата на Костовски, како и тоа дека „Врховниот суд немаше решено за барањето до крајот на годината“.
На 18 јануари СЈО го повлече обвинението за „Пуч“, според кое, за нелегално прислушување и за насилство врз највисоките државни органи обвинети беа: Зоран и Соња Верушевски, Бранко Палифров, Ѓорѓи Лазаревски и Зоран Заев. Но, не се откажува од Барањето за заштита на законитоста на постапката за спогодба, бидејќи, како што дознава САКАМДАКАЖАМ.МК, таму се работи за нелогичност и, најверојатно, прекршување на законот, бидејќи Звонко Костовски со обвинителот се спогодил и признал помагање во кривично дело, а главен обвинет и осуден кога го признал делото, немало. Има помагач, а нема осуден сторител.
Кој прислушувал нелегално во Македонија од 2011 до 2015 година, СЈО рече дека истражува преку случаите “Тврдина 1 и 2“ (за нелегалното уништување на двата система на УБК за прислушување и за палењето на списите со докази за прислушувањето) и преку случајот „Таргет“.
„Не се работи за случај кражба или разбојништво каде што е сторителот фатен на местото како го врши делото, туку се работи за специфичен и сложен процес, каде што сторителите не биле фатени во време на вршење на кривичното дело. Како можело да му се прифати на Костовски признавање на дело, за кое уште немало и ден-денес нема докази дека со сигурност го извршил тој и тој сторител? Кого го помагал тој? Судот требало да го праша: Знаете ли што признавате? Судијата требало да застане со таа постапка и да почека што ќе се случи со главната“, објаснуваат судиите со кои разговаравме.
И покрај тоа што Јанева го повлече обвинението за „Пуч“, со што сите пет обвинети се ослободени од кривичен прогон за нелегално прислушување, Костовски не е ослободен и тој останува на издржување на затворската казна, се додека Врховниот суд не донесе одлука. Во случај да ја укине пресудата на Костовски, тој веднаш се пушта на слобода.
С. К. ДЕЛЕВСКА