РАКОВОДСТВОТО НА М-НАВ ПОДНЕСЕ ТУЖБА ДО ГРАЃАНСКИОТ СУД СО БАРАЊЕ ДА ГО СПРЕЧИ ШТРАЈКОТ НА КОНТРОЛОРИТЕ НА ЛЕТАЊЕ НАЈАВЕН ЗА 20 ОКТОМВРИ

    РАКОВОДСТВОТО НА М-НАВ ПОДНЕСЕ ТУЖБА ДО ГРАЃАНСКИОТ СУД СО БАРАЊЕ ДА ГО СПРЕЧИ ШТРАЈКОТ НА КОНТРОЛОРИТЕ НА ЛЕТАЊЕ НАЈАВЕН ЗА 20 ОКТОМВРИОд штрајкот во јануари 2024 година, кога беше натепан контролор на летање бидејќи го поддржал Синдикатот. По настанот, директорот на М-НАВ Фахрудин Мемеди беше разрешен од Владата. (Фото: СДК.МК)

    Управниот одбор на Македонска навигација (М-НАВ) денеска до Граѓанскиот суд Скопје поднел Тужба со предлог мерка за забрана за организирање на штрајк од страна на контролорите на летање. Во рок од 5 дена Судот треба да се изјасни за времената мерка, а потоа и да донесе одлука, пресуда. Ова уследи откако Струковиот синдикат на контролорите на летање пред една недела најави штрајк на 20 октомври.

    Според најавата за штрајк, нема да има полетувања и слетувања на Скопскиот и на Охридскиот аеродром од 10 до 15 часот на 20 октомври. Ќе се работи само со еден сектор со максимален број на 30 авиони што ќе ја прелетуваат Македонија, односно со намален капацитет за околу 50 посто од постоечката побарувачка и тоа ќе се повторува секој следен понеделник во исто време.

    „Можевме да одиме и на варијанта да го затвориме целосно небото, меѓутоа ете одлучивме дека засега ќе одиме само со намален капацитет на 50 посто од бројот на прелети за тој ден“, вели претседателот на Синдикатот на контролорите на летање Александар Тасевски.

    Барањата доставени со најавата за штрајк се: да се спроведат одредбите од Спогодбата за прекин на штрајкот во 2023 година, од кои суштинска е Спроведување функционална анализа за потребните работни места и профили во М-НАВ (за да се спречи масовното пренатрупување партиски кадри на измислени и несуштински работни места во претпријатието, на грбот и на трудот на контролорите на летање, инженерите, метеоролозите и другите стручни и експертски кадри), реформулирање на одредбите за работа во ноќни смени, инсталација и ставање во погон на новата опрема со новиот радар и друго.

    Директорот на М-НАВ Владимир Ристески за САКАМДАКАЖАМ.МК потврди дека раководството на М-НАВ преку суд ќе го спречи штрајкот на контолорите на летање најавен за 20-ти, како што потенцира, само ден по првиот круг од локалните избори.

    „Во Тужбата со барање за времена мерка што ја поднесовме изутрина, наведовме дека е прекршена постапката од страна на Синдикатот, односно со одлуката за штрајк не се доставени неговите барања, барањата на контролорите на летање. Не држи вода неисполнувањето на одредбите од Спогодбата потпишана во некое друго време, со некое друго раководство во 2023 година, бидејќи после неа бил потпишан Колективен договор“, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК директорот Ристески, за кого е многу симптоматично дека се најавува штрајк помеѓу двата изборни круга.

    На наше прашање зошто не се исполнија барањата на Синдикатот со претходните најави за штрајк кои не беа ни во кругови, ни во избори, а беа откажувани по уверувањата од директорите на М-НАВ и на Владата дека сите барања ќе бидат исполнети и ќе се престане со партиските вработувања, Ристески вели дека на исполнувањето на сите нивни барања се работи, а вработувања нови нема.

    „Место да ги решат заедно со нас проблемите што не се решени, директорите на чело со Владимир Ристески се обидуваат да го угушат правото на штрајк, што нема да им го дозволиме“, вели Тасевски.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира