КОГА ЌЕ БЕГАШ ЗА БУДИМПЕШТА ЌЕ ТРЕБА ВО БАГАЖ ОД АВТОБУС ДА ТЕ ПРЕНЕСУВААТ ОТИ ТЕ БОЛАТ КОЛЕНАТА, МУ РЕЧЕ АРСОВСКА НА МИЦКОСКИ ПО АПСЕЊЕТО НА ДИРЕКТОРОТ НА „КОМУНАЛНА ХИГИЕНА“

    КОГА ЌЕ БЕГАШ ЗА БУДИМПЕШТА ЌЕ ТРЕБА ВО БАГАЖ ОД АВТОБУС ДА ТЕ ПРЕНЕСУВААТ ОТИ ТЕ БОЛАТ КОЛЕНАТА, МУ РЕЧЕ АРСОВСКА НА МИЦКОСКИ ПО АПСЕЊЕТО НА ДИРЕКТОРОТ НА „КОМУНАЛНА ХИГИЕНА“Арсовска и Мицкоски на еден од митинзите во кампањата за локалните избори во 2021, кога таа стана градоначалничка на Скопје како кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ. (Фото: ВМРО-ДПМНЕ)

    Градоначалничката Данела Арсовска вели дека „мицковистичкиот режим и МВРО сее страв пред втор круг избори“ и затоа го привеле директорот на ЈП „Комунална хигиена“ Сабахудин Рустеми за хаосот со ѓубрето,  „кој токму криминалните кадри на Мицковски го креираат“. Од Обвинителството и Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска соопштија дека се приведени две раководни лица од ЈП „Комунална хигиена“ во рамките на истрагата за несобирањето на ѓубрето во градот. Меѓу приведените е директорот Рустеми, поради сомненија за кривично дело Загрозување на животната средина и природата со отпадни материи.

    „Мицко, кога ќе бегаш од Македонија за некоја година, бидејќи те болат коленцата нема да може во гепек од кола, ќе треба во багаж од автобус да те пренесат низ граница бегајќи накај Будимпешта“, напиша Арсовска за својот фејсбук профил.

    Арсовска вели дека претседателката на Управниот одбор на „Комунална хигиена“ Јулијана Спировска не ја апсат бидејќи има албум со сликички со сите функционери на ВМРО.

    „Јулијана која ја управува ‘Комунална хигиена’ Скопје е осуден криминалец во 2022 година со казна затвор за убиство и осуден криминалец во 2006 за нанесување тешки телесни повреди. Јулијана во КХС ги команда другите членови на Управен одбор од ВМРО и ВЛЕН, кои се поставени од Советот на Град Скопје од ВМРО и ВЛЕН. Јулијана 3 години опструира нови камиони,  инвестициска програма,  вработените кои 5 години ги чистат улиците не можат да земат решение за работа поради нејзините сопартијци од ВМРО и ВЛЕН во Советот. Јулијана по наредба на ВМРО континуирано со години прави опструкции додека градот не се удави во смет. И сега директоров им е крив кој не можел да набави 35 нови камиони, бидејќи тоа Јулијана го одложила за да ги набави Орце“, вели Арсовска.

    Арсовска стана градоначалничка на Скопје во 2021 година како кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ. За неа Мицкоски на заедничките митинзи велеше дека ќе биде мајка на градот, која ќе ги реши сите проблеми и ќе го направи Скопје модерен град. Арсовска стана градоначалничка на Скопје се ветувањето за бесплатен автобуски превоз за сите граѓани и набавка на 250 еколошки автобуси.

    Од Обвинителството и Министерството за внатрешни работи денеска соопштија дека двете раководни лица се приведени во врска со сомненија за кривично дело од член 230 од Кривичниот законик“. Овој член во Кривичниот законик е во главата Загрозување на животната средина и природата со отпадни материи.

    Член 230 гласи:

    (1) Тој што спротивно на прописите за заштита на животната средина и природата складира, остава или расфрла отпадни материи или со нив постапува на начин со кој се менува квалитетот на воздухот, почвата, водата или водотекот, во мера што може да ги влоши условите за жнвот на лугетоили животните или растенијата и да го загрози нивниот опстанок, ќе се казни со затвор од три месеци до три години.

    (2) Со казна од став 1 ќе се казни тој што складира, остава или расфрла отпадни материи или со нив постапува на начин со кој се менува квалитетот на воздухот, почвата, водата, водотекот и со тоа ќе предизвика уништување или значително оштетување на шуми, растенија или други насади.

    (З) Тој што складира, расфрла или остава опасен отпад што содржи супстанции кои имаат својство на експлозивност, реактивност, запаливост, надразливост, токсичност, инфективност, канцерогеност, мутагеност, тератогеност, екотоксичност или својство на испуштање отровни гасови преку хемиска реакција и биолошко разложување, ќе се казни со затвор од четири до десет години.

    (4) Тој што делото од ставовите 1, 2 и 3 ќе го стори од небрежност, ќе се казни со парична казна или затвор до една година.

    (5) Ако делото од овој член го стори правно лице, ќе се казни со парична казна.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира