Директорот на ЈП „Комунална хигиена“ Сабахадин Рустеми, кој е во притвор за несобирањето на ѓубрето во Скопје, си поднел оставка од функцијата. Неговиот адвокат Асмир Алиспахиќ синоќа по распитот во Кривичниот суд кажа дека Рустеми поднел оставка од морални причини.
Сега „Комунална хигиена“ нема директор и прашање е како ќе функционира претпријатието во наредните денови.
Градоначалничката Данела Арсовска вчера го повика премиерот Христијан Мицкоски да предложи негов кадар за нов директор на јавното претпријатие. Денеска Арсовска испрати соопштение до медиумите во кое ги повика новинарите да го прашаат премиерот Мицкоски како ќе функционира „Комунална хигиена“ бидејќи тој лично од својот кабинет го наредува овој хаос и го најави како интересна разврска на прес-конференција непосредно пред да се случи.
„Го повикуваме премиерот Мицкоски, кој има своја претседателка на Управен одбор од ВМРО, која воедно е и осуден криминалец за две кривични дела во 2006 и 2022 година, да го повика Управниот одбор на ‘Комунална хигиена‘ Скопје согласно член 24а, став 2 од Законот за јавни претпријатија да донесе одлука за разрешување на директорот и согласно став 3 од истиот член да именува вршител на должност на претпријатието. Мицкоски го тероризира градот со своето режимско и диктаторско владеење преку својот Управен одбор, злоупотребувајќи ги институциите и полицијата да сее страв и да врши репресија пред избори“, вели Арсовска.
Од Управниот одбор на „Комунална хигиена“ велат дека немаат добиено никакво известување од Градот дека Рустеми ја доставил оставката до Арсовска и практично немаат документ по кој би постапиле.
Кривичниот суд вчера одреди притвор од 30 дена за директорот на ЈП „Комунална хигиена“ Сабахудин Рустеми и за управителот за отпад во претпријатието. Обвинителството претходно побара притвор за двајцата поради сомненија за стореното кривично дело Загрозување на животната средина и природата со отпад од член 230, став 1 од Кривичниот законик.
А. АНТЕВСКА



