Работата на новиот Совет на Општина Битола почна со напуштање на седницата од страна на опозицијата, односно советниците од СДСМ, Левица и граѓанската иницијатива „Поинаку“. Тие ја напуштија салата откако на вонредна седница на која требаше да се гласа донација од САД, на дневен ред беа ставени и 10 други точки.
Меѓу нив беа одлуки кои советниците на ВМРО-ДПМНЕ не можеа да ги донесат во претходниот состав оти немаа мнозинство.
„Никаде на гори, единствено му гори на градоначалникот за да се спаси и да го амнестирате за проектот ‘Смарт фор ју ту’. Проектот не е никаква елементарна непогода, освен што имате направено кривично дело. Немаме основа за вонредна седница. Се криете зад параванот на донации за да го амнестирате градоначалникот“, рече Гаврил Трајковски од Левица.
Петар Николовски од СДСМ рече дека не е чесно да се подметнуваат точки на дневен ред еден час пред седницата за кои не добиле ни материјали.
„Морам да ги предупредам новите колеги дека тука се работи за точки кои претходно не беа изгласани. Треба да изгласате изјава која вели дека јавните претпријатија ‘Водовод‘ и ‘Нискоградба‘ не се должници и дека работат нормално, а тие се заглавени“, рече Иван Чулакоски од граѓанската иницијатива „Поинаку“.
На вонредната седница, покрај донацијата од Владата на САД за доизградба на противпожарната станица, на дневен ред се постави и одлуката за проектот „Смарт фор ју ту“ преку кој локалната власт преводена од ВМРО-ДПМНЕ бараше пренамена на средствата од ресторанот „Парк“ за велосипедски патеки. Понатаму зонското паркирање кај ЈАТ, нацрт деталниот урбанистичкиот план за новиот мултифункционален спортски комплекс во Нова Битола, како и согласноста и овластувањето за пренасочување на средства од буџетска сметка на Општината во врска со грант за водоводни линии и канализациони мрежи.
Сите одлуки беа изгласани од советниците на ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партнери.
„Повторно некој сака да прави цикрус во Советот. Да изигруваат јавни обвинители и судии, јасно и гласно кажав дека нема да бидат толерирани. Проблемите на граѓаните не се решаваат со бегање, туку во оваа сала со дебата. Советничката група на СДСМ во моментов е со 5 членови, колку еден автомобил со патници, затоа бегањето е срамно. За Левица не ме чуди, тие не ги поддржуваат нашите стратешки партнери САД, сакат да соработуваат со Северна Кореја“, рече новиот претседател на Советот, Бојан Бојкоски од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој додаде дека изгласаните одлуки кои беа закочени во претходниот Совет се во интерес на градот и битолчани.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



