Десетици кутнати стебла и исечени над 1.500 кубици дабови дрвја затекнавме во манастирската шума над Љубојно во Преспа, која жителите ја бранат со жив штит од натамошна гола сеча веќе 3 месеци. Некогашната густа шума денес е претворена во пуст дол. Оддалечен е на 400 метри воздушна линија од првите куќи во Љубојно, па постои реална опасност од ерозија на земјиштето и појава на одрони и поплави во селото.
На видеоматеријалите што ги снимивме со дрон се гледа соголен простор во шумата со големина на фудбалско игралиште.
„Погледнете ја оваа шума, таа е изменета, се направи гороцид, тотално уништување на шумата, со пороите ќе излезат само камењата“, вели Душко Петревски, жител на Љубојно.
Сечата запре откако почнаа протестите, но последиците се чувствуваат.
„Немаме бистри, туку матни извори. Принудени сме да пиеме матна вода поради злоупотребата и шансата да печалат тие, ништо друго не е во прашање. Според најнови податоци, треба да се забрани гола сеча во цела Европа, се надевам дека и кај нас тоа ќе се случи, па најверојатно сакале да искористат пред да дојде тоа, да се наполнат со пари и да не остават во пустина“, вели Лазо Ангеловски, жител на Љубојно.
Протестите продолжуваат додека не жителите не добијат официјален документ дека се поништуваат одлуките, договорите и планот за сеча во манастирската шума.
„Конфигурацијата на теренот е таква што има шест долови, сите насочени кон селото. Некои стручни лица тврдат дека од семето за четири години ќе порасне пак шума. И така нека биде, надлежните да ни дадат писмен документ и ако настане ерозија и поплава во селото, како што се случи летово од мал дожд, да ни гарантираат безбедност и оштета“, вели Петре Мартиновски од Љубојно.

Оддалечен е на 400 метри воздушна линија од првите куќи во Љубојно, па постои реална опасност од ерозија на земјиштето и појава на одрони и поплави во селото. (Фото: СДК.МК)
„Остануваме до крај, Еден нека остане, ќе легнеме во жив штит и ќе ја браниме планината“, вели Елида Станковска од Љубојно.
Љубојно е едно од најживописните села во Преспа, регион кој изобилува со природна убавина, но е соочен со еколошка катастрофа.
„Го губиме езерото, изгоре добар дел од паркот Галичица, Езерани целосно изгоре, веќе нема ни птица и не може да се нарече природен резерват. Овде имаме голосек кој значи смрт за просторов. И не смееме да заборавиме дека поради малите хидроцентрали, во дел од планината не расте ништо оти сите водотеци се собрани во цевка и Брајчинска е мртва река. Еколошка катастрофа по сите основи“, рече Ангеловски.
Надлежните инстутуции признаваат дека се работи за гола сеча, но велат дека нема прекршување на законите и процедурите. Посебниот план е изработен од Јавното претпријатие „Национални шуми“, а одобрен од министерствата за земјоделство и за одбрана. Тој предвидува сеча на 4.169 кубни метри дрвна маса во двата оддела, 29 б и 30 б, од шумскостопанската единица Пелистер-Брајчино, за што теренот под концесија беше даден на фирмата „Диба трејд“ од Косел. Годинава со чиста сеча требаше да се исечат 4.169 кубика, а поради портестите се стигна до 1.514.
Од подружницата на Македонски шуми „Преспа дрво“ рекоа дека планот за управување со шумата е изработен од експерти шумски инженери и дека тие вршат надзор. Потврдија дека тоа навистина е гола сеча, но велат дека во спротивно таму за една година ќе немало игла каде да се фрли.
Од Владата соопштија дека станува збори за регуларна сеча на нискостеблест даб кој има сечна зрелост согласно сите научни принципи и ова е една од стотина вакви сечи во Македонија. Посочија дека испочитувана е целата законска процедура и контроли со кои се гарантира дека шумата ќе се обнови.
До објавата на овој текст не добивме одговор од Владата, дали по тримесечните протести на жителите од Љубојно, се размислува за промена на планот за сеча? И дали се планираат законски измени за повеќе да не се дозволува гола сеча низ шумски површини?

Годинава со чиста сеча требаше да се исечат 4.169 кубика, а поради портестите се стигна до 1.514. (Фото: СДК.МК)
Членот 34 од Законот за шуми остава простор сечата и законски да запре. Тој предвидува: „Ако во текот на спроведување на плановите или програмите се утврдат битни недостатоци или се променат состојбите, корисникот на шумата е должен да престане со работа во шума и ќе се изврши изменување и дополнување на плановите и програмите во рок од шест месеци“.
Ж. ЗДРАВКОВСКА
*Оваа содржина е поддржана со грант од Алијансата за новинарство и наука (Journalism
Science Alliance)







