Уметничкиот директор на Операта Христо Саракинов е избран за претседател на Советот на Општина Карпош. Тој на локалните избори беше носител на листата за советници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Саракинов лани беше назначен за уметнички директор на Операта, откако Оливер Арсовски стана генерален директор на Националната опера и балет (НОБ). Оваа институција има и уметнички директор на Балетот, примабалерината Марија Кичевска-Шокаровска. Саракинов од 2007 е вработен во Оркестарот на НОБ, на позицијата прва труба. Дипломирал на Факултетот за музичка уметност (ФМУ) во Скопје, во класата по труба кај проф. Васо Ристов.
САКАМДАКАЖАМ.МК го праша Саракинов дали е законски да ги врши двете функции, претседател на Советот и уметнички директор на Операта, или ќе си даде оставка од Операта.
„Ќе се повлечам од раководната функција во Операта. Не постои законска пречка да се вршат двете функции, но ќе се повлечам од Операта од етички причини и целосно да се посветам на работата во Советот на Општина Карпош. Ќе продолжам да бидам дел од оркестарот на МОБ“, ни рече Саракинов.
Саракинов вчера беше избран за претседател на Советот со 14 гласови „за“. ВМРО-ДПМНЕ нема мнозинство во Советот кој има 27 членови. ВМРО-ДПМНЕ има 11 советници, Коалицијата „Искуство за успех“, СДСМ и Левица имаат по 4 советници, независната граѓанска иницијатива „Независни за Карпош“ три советници и ЗНАМ има еден советник. За изборот на Саракинов покрај советниците на ВМРО-ДПМНЕ и советникот на ЗНАМ, гласаа советникот од ГРОМ Зоран Краљевски и советникот од СДСМ Радослав Трошановски. Со тоа беа обезбедени 14 гласови „за“ и Саракинов беше избран за претседател на Советот на Општина Карпош.
Вчера, градоначалничката функција во Општина Карпош ја презеде и новиот градоначалник Сотир Лукровски. Немаше примопредавање од досегашниот градоначалник Стевчо Јакимовски.
А. АНТЕВСКА



