Македонската Влада негира дека води преговори со Велика Британија за прифаќање на мигранти кои се одбиени за азил, а кои во земјава би биле депортирани во „центар за враќање“, според планот за отворање такви центри на Балканот.
Британскиот весник „Тајм“, а потоа и „Дејли мејл“ и другите британски медиуми, денеска објавија дека неуспешните баратели на азил би можеле да бидат депортирани во Македонија според новиот план за намалување на преминувањата низ Ла Манш. Весникот вели дека Македонија влезе во формални разговори со Велика Британија за да биде домаќин на „центар за враќање“ на мигранти наесен. „Тајмс“ вели дека според предлогот, Велика Британија би ѝ плаќала на Македонија за секој мигрант што ќе го прифати, покрај инвестирањето во земјата и помагањето во нејзината безбедност од Русија. Мигрантите потоа би имале можност да побараат азил во Македонија или да добијат работни визи за работа во сектори со недостиг на работна сила. Тие нема да бидат притворени и би имале можност да заминат кога сакаат.
Владата вечерва ги негираше овие тврдења на британските медиуми.
„Ваквиот напис е за внатрешно-политичка употреба. Единствената вистина е таа што ја кажа и амбасадорот на Британија во Македонија Метју Лосон во јавна изјава во мај, кога категотично ги отфрли тврдењата дека Македонија ќе прифаќа мигранти“, ни изјави портпаролката на Владата Марија Митева.
На 17 мај 2025, на прес-конференцијата на која премиерот Христија Мицкоски го претстави постигнувањето согласност за Заеднички договор за стратешко партнерство меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство, кој беше усогласен на 16 мај во Тирана, британскиот амбасадор Лосон, одговарајќи на новинарски прашања во врска со објавите во британски и македонски медиуми дека Македонија ќе треба да прифати мигранти, категорично ги отфрли таквите тврдења.
„Како дел од договорите, земјата се согласи да се приклучи на заедничката мисија во однос на мигрантите. Но, тоа се однесува на соработка на полициските сили, справување со криминални банди и подобро споделување разузнавачки информации, што веќе се прави со неколку други европски земји. Сосема друга приказна е прифаќањето мигранти, не се работи за тоа. Сакам да бидам јасен во тој дел“, изјави Лосон.
Во интервјуто за САКАМДАКАЖАМ.МК од 16 јуни, во кое зборуваше за новото Стратешко партнерство меѓу Обединетото Кралство и Македонија, амбасадорот Лосон на прашањето за соработката во областа на миграцијата, вклучително и учеството на Македонија во Заедничката работна група за миграција, рече:
„Работната група е фокусирана на разбивање на криминалните банди кои профитираат од трговијата со луѓе и други незаконски добра преку границите. Овие банди претставуваат закана не само за Обединетото Кралство, туку и за Северна Македонија – и од безбедносен и од економски аспект. Во практична смисла, оваа соработка вклучува зголемена размена на разузнавачки информации, поблиска соработка на безбедностите служби и спроведување заеднички операции. Иако ова нема да биде видливо за граѓаните во нивното секојдневие, претставува значително унапредување на оперативното ниво на нашите министерства за внатрешни работи и полициски служби. Со оглед на тоа што Обединетото Кралство повеќе не е дел од европската агенција за гранично обезбедување Фронтекс, оваа иницијатива претставува замена за дел од техничката и разузнавачката соработка што претходно ја овозможуваше Фронтекс. Граѓаните нема да видат некои видливи промени – на пример, нема да има британски полицајци или граничари. Станува збор за подобрување на соработката и партнерството зад сцената, за подобра координација во борбата против организираниот криминал тука на Балканот и во Обединетото Кралство, со цел да се спречи трговијата со различни видови нелегална стока, вклучително, за жал, и со луѓе“.
С. К. ДЕЛЕВСКА



