По адвокатот Петре Шилегов, и неговите колеги во воведните зборови кои следуваа на денешното судско рочиште им се обратија на обвинителот на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Кочани и на неговите колеги обвинители со прашањето што правеле овие 13 години додека неисправната дискотека „Пулс“ работела со сомнителни лиценци или без никаква дозвола за работа, потсетувајќи ги дека обвинителството кое го обвинува системот, е столб на системот и може да постапува по допрен глас.
Адвокатот Зоран Вилчанов, бранител на поранешната инспекторка Блашка Ефтимова, во воведниот говор кажа дека е зачуден каде во целата приказна е ОЈО Кочани и зошто не презело ништо во врска со „Пулс“ по допрен глас, ако се знаело дека не работи по закон.
Според него, останува нејасно зошто е обвинета неговата клиентка. Таа по извршена контрола во 2012 година констатирала дека „Пулс“ ги исполнува минималните услови за вршење угостителската дејност. Според адвокатот, делото за кое се товари Ефтимова е застарено и Обвинителството треба да ја прекине постапката. По него стана обвинетата и рече дека локалот во 2012 година ги исполнувал условите за 170 гости.
Дека не постапиле спротивно на закон и дека професионално си ја вршеле работата кажаа и адвокатите на службениците во Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Весна Кузмановска и Емил Митев, како и адвокатот на обвинетата Размена Чекиќ-Дуровиќ од Министерството за економија.
Обвинетиот Емил Митев рече дека додека бил раководител во ДПИ, четири пати извршил контроли во „Пулс“. По прегледот на документацијата за време на пандемијата, видел оти лиценцата на „Пулс“ е истечена. Тврдеше дека немал овластувања да составува записници.
„До трагедијата, немав добиено известување оти таму се врши угостителска дејност. Во 2024 година, во два наврати ми беше одземено овластувањето да издавам наредби за инспекциски надзор. За тоа побарав објаснување од централата на ДПИ, но одговор никогаш не добив“, рече тој.
Неговиот адвокат на крајот од воведниот говор побара на Митев да му биде укината мерката куќен притвор, затоа што му се одразува врз здравјето, укажувајќи му на судот дека може да ја одолговлекува постапката ако се доразболи.
И Ванчо Шехтански, адвокатот на обвинетиот поранешен државен инспектор Миле Ампов, го нападна ОЈО Кочани зашто не реагирало по допрен глас за импровизираната дискотека каде што, како што рече, се собирале голем број деца. Со тоа, како што кажа, можела да се спречи трагедијата, со пожарот во кој на 16 март загинаа 63 луѓе, а над 200 се повредени.
Шехтански рече дека во надзорот што го извршил неговиот клиент во октомври 2012 година, утврдил дека објектот не ги исполнува условите.
Остана воведни зборови да презентираат уште обвинетиот Александар Нацев и неговиот адвокат. Нацев е сопственикот на „Рубикон“, агенцијата за обезбедување која само требало да побара дозвола за употреба на пиротехниката, а која групата „ДНК“ ја немала, и во тој случај да не ја дозволи и да се спречи трагедијата. Требало и да им нареди на вработените вечерта на 16 март да не пуштаат деца во клубот, како и да не дозволат во просторијата за 200 луѓе да влезат околу 800.
Судењето продолжува на 25 декември.
С. К. ДЕЛЕВСКА



