Легендарната норвешка актерка, режисерка и хуманитарка Лив Улман во Берлин ја доби Европската награда за животно дело на Европската филмска академија (ЕФА). Има 87 години, висока, стројна и исправена, исклучително срдечна и фокусирана, Улман доби стоечки аплаузи за говорот примајќи ја наградата, кој го почна со шега на своја сметка: „Да не помислите дека ви мавтам оти ми треперат рацете, тоа е поради мојата возраст“.
Дека е во одлична форма покажа и со интензивниот ангажман во тие два дена во Берлин пред церемонијата за Европските филмски награди – првата вечер присуствуваше на свечената проекција на нејзиниот филм „Сцени од брачниот живот“ од 1974, за љубовните турбуленции на брачна двојка, проследен со долга сесија прашања и одговори со публиката, следниот ден имаше интервјуа со две групи новинари, а вечерта ја почна со прошетка на црвениот килим и присуство на четиричасовната церемонија.
Улман се прослави по соработката со легендарниот шведски режисер Ингмар Бергман, со извонредните улоги во неговите култни филмови „Персона“, „Крици и шепотења“, „Сцени од брачниот жиот“, „Есенска соната“. Со Бергман имаа и долга љубовна врска од која во 1966 им се роди ќерката Лин Улман, која е реномирана норвешка писателка. Иако никогаш не беа во брак, Улман и Бергман, кој почина во 2007, со децении останаа во длабока лична и уметничка врска дури иако веќе не беа љубовни партнери. Улман има режирано и 5 филмови, меѓу кои и „Приватни исповеди“, филм за љубовта и љубомората, по сценарио на Бергман во 1996. Во Берлин ја придружуваше внук ѝ од Лин, режисерот Халфдан Улман Тиндел, кој како лански лауреат го претстави добитникот на наградата Европско откритие – При ФИПРЕСЦИ, а кој е партнер со Ренате Ренсве, наградена за најдобра европска актерка.

Во Берлин ја придружуваше внук ѝ од ќерката со Бергман, Лин, режисерот Халфдан Улман Тиндел. (Фото: ЕФА)
Во интервјуто за САКАМДАКАЖАМ.МК, Улман зборуваше за соработката со Бергман, за уметноста денес и за нејзината долгогодишна хуманитарна работа како амбасадорка на добра волја на УНИЦЕФ, активна во борбата за човекови права, мир и правата на жените и децата. На крајот од разговорот ме гушна и ме бакна, а јас ѝ реков дека ми се остварил детскиот сон да ја сретнам.
Вели дека никогаш не размислувала што научила од Бергман ниту пак што тој научил од неа.
„Не знам, никогаш не сум го соочила со тоа. Кога ме запозна и ме имаше видено во некои филмови, мислев дека сака да каже нешто преку мене, нешто што јас го чувствував. Но не се осмелив да го кажам тоа. Да го кажев, ќе речеше: „О, каква убава мисла“. Мислам дека виде во мене некој што може да ја покаже и невиноста и креативноста, таа прекрасна страна. Бев многу млада. Што научи тој од мене? Да љуби? Но тој човек беше женет многу пати. Тој велеше дека ‘Сцени од брачниот живот’ е филм за неговите родители, тоа е лага. Она што научи од мене е дека бев многу помлада од него, а тој виде нешто заедничко меѓу нас. Знаеше да каже: ‘Ти си мојот страдивариус’. Бев нов инструмент за него. Работевме многу заедно. Кога беше изолиран на својот остров, кога не беше добро речиси десет години, ми даде и филмови да режирам. Значи и тој научи нешто од мене, инаку не би го направил тоа. Но тоа не значи дека имавме намера да се подучувавме, така едноставно се случуваше“, вели Улман.
За процесот на работа со Бергман вели дека тој не сакал проби пред снимањето и секојпат се држел до сценариото.
„Тој никогаш не ги менуваше зборовите. Никогаш не сум го доживеала тоа. Не сакаше проби, но понекогаш, кога ќе ги гледаше снимките, ќе ја менуваше сцената, ќе решеше да направи еден крупен план додека зборуваат и еден додека слушаат. Тоа го правеше за време на снимањето, но зборовите никогаш не ги менуваше. Пробите не ги сакаше. Ни јас не ги сакам пробите премногу, но ги сакам затоа што мораш да ги запознаеш актерите. Значи, сакам проби, но не премногу, затоа што сè мора да биде живо кога ќе тргне камерата. Тогаш се гледа разликата – што разбира актерот, што прави снимателот, светлото, сето тоа може многу да се промени со интуицијата“, вели Улман.

Уметноста денес е уште поважна, затоа што светот е луд, на некој начин е полош, и токму затоа мислам дека уште поважно е да се направат луѓето свесни за уметноста, бидејќи можеби уметноста нè претставува повеќе од сè друго, вели Улман. (Фото: СДК.М)
Рече дека ѝ е драго што „Сцени од брачниот живот“, во кој игра со Еранд Јозефсон, се прикажа во Берлин во нејзина чест и да се гледа себеси помлада на екранот.
„Да, таа беше многу помлада, имаше 35 години. Јас сум живеела повеќе од двојно од тоа време. Предложив и некои други филмови, но многу ми е драго што е избран овој, затоа што можам да кажам дека тоа воопшто не е приказна за Ингмар Бергман и мене. Тоа е приказна за нешто што тогаш беше многу важно – некој навистина се осмели да направи филм за несреќни врски и за тоа како продолжуваш да живееш во нив. Мислам дека е многу тажен филм, но во тоа време беше доживуван и како прекрасен, затоа што жената излегува од врската и се чувствува слободна – важно за феминистичката публика. Но кога сега гледам делови од него, тој е и за мажот. Многу ми е жал за ликот на Ерланд Јозефсон и жал ми е што не можам да му го кажам тоа денес. Значи, сега ми значи нешто друго“, вели таа.
Улман смета дека уметноста денес е уште поважна отколку пред 40 години.
„Тогаш беше важна затоа што го менуваше начинот на кој размислуваш, дури и грдите мисли, и те тераше да ја препознаеш добрината, и секако се создаваа ремек-дела. Но денес е уште поважна. Затоа што светот е луд, на некој начин е полош, и токму затоа мислам дека уште поважно е да се направат луѓето свесни за уметноста, бидејќи можеби уметноста нè претставува повеќе од сè друго. За жал, уметноста не е секогаш субвенционирана како што треба, а треба да биде многу повеќе поддржана, затоа што ни е потребна – уметноста ни кажува кои сме. И ни е потребна, уште повеќе ни е потребна затоа што живееме во свет што, чувствувам, е поопасен. Ние го знаеме тоа преку филмовите, бидејќи мене ми се случило – сигурна сум дека и вам ви се случило – да гледате филмови што на некаков начин ви го промениле мислењето. Мислам дека светот сега е на место на кое никогаш порано не бил. Кога добитничка на Нобелова награда го ‘дава’ својот глас или својата награда на Трамп, знаете… тогаш е на сите вас, писателите, новинарите да зборувате за тоа“, вели таа.
Како дел од генерација што го промени лицето на кинематографијата, а ја почна кариерата во можеби во најдобрата деценија за филмот, 1960-тите, Улман смета дека европската авторска кинематографија не изгубила ништо во споредба со тој период.
„Не мислам дека изгуби нешто, но финансиите се проблем – многу луѓе не добиваат можност да ги снимат своите филмови затоа што уметноста понекогаш не е почитувана од оние што ги даваат парите и се заинтересирани само за профит. Сепак, и денес се снимаат прекрасни филмови, и тие се различни затоа што живеат во сегашноста. Пред триесет години, кога бев помлада, се обидувавме да се изразиме на поинаков начин, но тоа доаѓаше од нашиот талент и од она во што верувавме“, вели таа.
Не мисли дека се променило прикажувањето на жените во филмовите од почетокот на нејзината кариера до денес:
„Добрите актери и добрите актерки сè уште се исти, знаете. Бети Дејвис, Елизабет Тејлор, сите други, и денес има жени токму како нив, со ист талент и сè тоа. Но има толку многу инфлуенсери и слично, и тие стануваат големи ѕвезди, и тоа не ми се допаѓа. И сè повеќе луѓе почнуваат да личат на нив. Но денес има толку добри актерки како што имаше порано. И тие не секогаш добиваат можност да снимаат филмови. Но во талентот нема разлика. Апсолутно никаква разлика“.
Улман вели дека никогаш не се сметала за легенда, ниту пак се кае за нешто во кариерата.
„Немам каења за ништо и навистина сум страшно горда. Имам насмевки, знаете. И внатре во себеси знаев додека го правев тоа“, вели таа и додава:
„Сега, кога имам 87 години, често сакам да бидам сама во станот. Го сакав тоа и кога живеев во Америка 50 години. Сакам да бидам сама и можам да бидам како дете, затоа што внатре во себе секогаш имам 14 години. Можам да гледам фотографии и дури да кажам: ‘Здраво, мамо, сега те разбирам’. И не си мислам дека сум смешна. Можеби го правам тоа што можев да го направам и порано, ако сум размислувала за тоа. Имам блискост со луѓето што биле дел од мојот живот. Се сеќавам на многу повеќе работи, и тоа е добро. Сè уште имам многу пријатели во Америка и Норвешка. Но повеќето луѓе се дел од… како да кажам… универзумот. Не верувам дека повторно се раѓаме, но тие се дел од него“.
М. КОСТОВА




