ПОЖАРИТЕ ВО КЛУБОВИТЕ ВО КОЧАНИ И БУКУРЕШТ СЕ ИСТИ, СЕ СЛУЧИЈА ОТИ НЕМАШЕ ПРОТОКОЛИ ЗА ПРОТИВПОЖАРНА ЗАШТИТА, КАЖА ШЕФОТ НА ОДДЕЛОТ ЗА ВОНРЕДНИ СОСТОЈБИ НА РОМАНИЈА

    ПОЖАРИТЕ ВО КЛУБОВИТЕ ВО КОЧАНИ И БУКУРЕШТ СЕ ИСТИ, СЕ СЛУЧИЈА ОТИ НЕМАШЕ ПРОТОКОЛИ ЗА ПРОТИВПОЖАРНА ЗАШТИТА, КАЖА ШЕФОТ НА ОДДЕЛОТ ЗА ВОНРЕДНИ СОСТОЈБИ НА РОМАНИЈААрафат со дел од неговиот тим од Одделот за вонредни состојби е во посета на Кочани и Скопје, за да сподели искуства за мерките кои се преземале во Романија по пожарот во клубот „Колектив“ во Букурешт во 2015, во кој загинаа 64 луѓе. (Фото: К. Попов)

    Заедничко за пожарите во клубовите во Кочани, Букурешт и Кран-Монтана е тоа што во сите три објекти немало или не се почитувале протоколите за заштита од пожари, кажа денеска во Скопје Раед Арафат, државен секретар во Министерството за внатрешни работи на Романија и раководител на Одделот за вонредни состојби. Тој заедно со дел од неговиот тим за спасување е во посета на Кочани и Скопје по покана на Делегацијата на Европската Унија во земјава, за да сподели искуства за мерките кои се преземале во неговата земја по пожарот во клубот „Колектив“ во Букурешт во 2015, во кој загинаа 64 луѓе.

    „Во сите три случаи пожарот беше предизвикан од пиротехника, а објектите беа обложени со лесно запаливи матријали, што предизвика пожар со голем број жртви. Во Романија сега се работи на закон со кој ќе се забранат секаков вид пиротехнички средства во кафулиња, барови, дискотеките“, рече Арафат, кој вечерта бил на лице место во спасување и евакуацијата на лицата од клубот во Букурешт, а потоа бил дел и од процес за транспорт на пациенти во други земја и нивното понатамошно лекување.

    Сподели дека во случајот со пожарот во Букурешт, објектот имал дозвола за работа како кафуле со капацитет до 80 гости, а вечерта на концертот имало 400 лица. Излезот бил затворен и голем број од лицата загинале во стампедо.

    „Кога стигнав имаше 14 мртви, кога заврши евакуацијата и спасувањето беа мртви 26 лица, а едно лица почина на пат до болница. Букурешт, за разлика од Кочани и Кран-Монтана е голем град и има повеќе екипи на Брза помош, Пожарна и болници. Во тој момент на лице место дојдоа голем број екипи, пожарот беше изгаснат за 6 минути“, рече Арафат.

    Она што било важно во тој момент, како што кажа Арафат, било пациентите да се носат во различни болници во Букурешт бидејќи една болници и Центар за изгореници не може да згрижи и да даде лекарска помош на толкав број пациенти одеднаш. Потоа било важно пациенти да се транспортираат и во други земји.

    „Тогаш ЕУ механизмот за цивилна заштита не опфаќаше вакви здравствени катастрофи, па моравме со договори со земјите-членки на ЕУ да договараме транспорт на пациенти. После пожарот во Букурешт тоа се смени и затоа после случајот во Кочани веднаш се активираше ЕУ механизмот и пациенти беа однесени на лекување во земји од ЕУ. Процесот на одлучување кој пациент ќе замине во странство беше многу тежок. Родителите и роднините правеа притисок нивното дете да замине во странство. Лекарите објаснуваа дека не може секој интубиран пациент да издржи авионски транспорт до друга земја. Но, за жал во одредени случаи попуштивме под притисокот на родителите, што според мене од оваа сегашна перспектива не беше во ред. Имавме случај кога пациент почина само што полета авионот, па мораше авионот да слета за да го остави телото на починатиот“, кажа Арафат.

    Лекувањето на пациентите траело со години. И по 10 години траел процесот на заздравување и психолошко опоравување на одредени пациенти. Државата цело време ги покривала сите трошоци за лекување.

    По пожарот во Кочани, Романија го испрати во Скопје својот авион „спартан“ со кој може да се пренесат неколку пациенти. Со романскиот авион повредени од Кочани се однесоа на лекување во Литванија и во Белгија. Романскиот авион беше испратен и во Швајцарија по пожарот во клубот на Кран-Монтана во новогодишната ноќ за пречекот на 2026, во кој загинаа 41 лице, главно млади луѓе.

    Во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ на 16 март 2025 загинаа 63 главно лица, а над 200 беа повредени.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира