КРИВИЧНА ПРИЈАВА ЗА ГАЗДАТА НА ФИРМАТА КАДЕ РАБОТЕЛ СНИМАТЕЛОТ КРИСТИЈАН ЉУШЕВ, ОТИ НЕ ГО ОСИГУРАЛ И ОБУЧИЛ ЗА БЕЗБЕДНА РАБОТА

    КРИВИЧНА ПРИЈАВА ЗА ГАЗДАТА НА ФИРМАТА КАДЕ РАБОТЕЛ СНИМАТЕЛОТ КРИСТИЈАН ЉУШЕВ, ОТИ НЕ ГО ОСИГУРАЛ И ОБУЧИЛ ЗА БЕЗБЕДНА РАБОТАКривичната пријава е за сторено кривично дело Повреда на правата од работен однос. (Фото: СДК.МК)

    СВР Охрид поднесе кривична пријава против С. М. (43) од Охрид,  газда на фирмата која ја гради зградата во која на 12 јануари, додека извршувал работни задачи при пад од петти кат почина охридскиот снимател Кристијан Љушев. Кривичната пријава е поднесена и за фирмата. Пријавата за газдата и за фирмата е за сторено кривично дело Повреда на правата од работен однос.

    „Пријавениот С. М. во својство на сопственик и управител во правниот субјект, свесно не се придржувал кон одредбите од Законот за засновање на работен однос и во правното лице, уредно не го пријавил и не извршил работничко осигурување на сега починатиот работник К. Љ. од Охрид, со што му ги одзел и ограничил правата што му припаѓале. С. М. дозволил пристап на сега веќе починатиот работник, на работно место кое е изложено на сериозни и специфични опасности, без притоа да добие посебни упатства за работа, односно дозволил да извршува работни задачи како помошник монтер, без притоа да изврши основна обука од областа на безбедност и здравје при работа и без соодветен здравствен преглед во здравствена ординација по медицина на трудот“, рече портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

    На 12 јануари, при извршување работни задачи во објект во изградба, 28-годишниот Љушев падна и тешко се повреди. Со возило на Итна медицинска помош итно беше пренесен во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ Охрид, каде подоцна и почина.

    Веста за неговата смрт предизвика силни реакции во јавноста, а неговото семејство јавно побара одговорност и целосно расветлување на околностите под кои настанала несреќата. Семејството изрази сомнеж дека смртта, според сведоци и очевидци, настанала како последица на сериозни безбедносни пропусти во објект во завршна фаза на изградба каде што се случил трагичниот настан.

    Според тврдењата на семејството од искази на сведоци и очевидци, лифтовските окна во зградата не биле соодветно обезбедени, односно не биле затворени, по степениците немало заштитна ограда што, како што велат, претставувало сериозен ризик за секој што се движел. Во ден работодавецот го испратил Љушев со уште неколку негови колеги на монтажа на мебел во стан во објектот во кој имало бројни безбедносни недостатоци и пропусти. Семејството смета дека одговорност треба да се побара кај лицата одговорни за безбедноста на градилиштето, и апелира до надлежните институции темелно да го испитаат случајот.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира