БЕРЛИНАЛЕ ОТВОРА СО „НЕМА ДОБРИ ЛУЃЕ“ НА АВГАНИСТАНКАТА САДАТ, ПРЕМИЕРАТА НА „17“ НА МИТИЌ Е НА 18 ФЕВРУАРИ

    БЕРЛИНАЛЕ ОТВОРА СО „НЕМА ДОБРИ ЛУЃЕ“ НА АВГАНИСТАНКАТА САДАТ, ПРЕМИЕРАТА НА „17“ НА МИТИЌ Е НА 18 ФЕВРУАРИЕва Костиќ ја игра главната улога во „17“ на Митиќ, кој игра во селекцијата Перспективи. (Фото: продукција на „17“)

    Со „Нема добри луѓе“ на авганистанската режисерка Шахрбану Садат, вечерва се отвора 76. издание на Берлинскиот филмски фестивал, во чија селекција годинава е и македонскиот „17“, дебито на Косара Митиќ што ќе има светска премиера на 18 февруари во програмата Перспективи, платформата на Берлинале посветена на нови и перспективни филмски автори. Филмот потоа ќе има уште 4 фестивалски проекции во еприодот од 19-22 февруари.

    Берлиналето е еден од најзначајните филмски фестивали во светот заедно со Кан и Венеција.

    „Нема добри луѓе“ е за снимателка што работи во Авганистан, а режисерката Садат избегала од својата родна земја во 2021 и сега живее во Хамбург. Легендарниот германски режисер Вим Вендерс ќе го предводи годинешното жири за главната конкуренција за престижната Златна мечка, а во филмовите во селекцијата меѓу другите играат Памела Андерсон, Ченинг Тејтум, Ејми Адамс, Жилиет Бинош, Ел Фанин и Сандра Хилер Меѓу ѕвездите што се очекува да присуствуваат на гала отворањето на Потсдамер Плац е Мишел Јео, ѕвездата на „Злобни“ и „Сè насекаде одеднаш“, која ќе ја добие почесната Златна мечка за животно дело.

    Дваесет и два филма ќе се натпреваруваат за Златната и за Сребрената мечка во официјалната конкуренција, а 13 односно 14 дебија се во програмата Перспективи. Во главната конкуренција се еден дебитантски филм, еден анимиран филм и еден документарец, а дури 20 филмови ќе имаат светска премиера. Девет од филмовите се режирани или корежирани од жени, додека 14 автори се враќаат на фестивалот, од кои шестмина и претходно биле во трка за Златната мечка.

    Во конкуренцијата за Златната мечка, која во 2025 ја освои норвешкиот режисер Даг Јохан Хаугеруд за филмот „Соништа (Секс Љубов)“, е и „Кастрење на розова грмушка“ на бразилскиот режисер Карим Аинуз, во кој играат Памела Андерсон, Ел Фанинг, Калум Тарнер и внуката на Елвис Присли, Рајли Кио. Славната германска актерка Сандра Хилер игра во „Роза“ на австрискиот режисер Маркус Шлајнцер, во „Жозефина“ на Бет де Араухо игра американската ѕвезда Ченинг Тејтум, а во „Покрај морето“ на Корнел Мундруцо игра Ејми Адамс. Во конкуренцијата се и три филма на германски режисери: „Жолти писма“ на Илкер Чатак, „Мојата сопруга плаче“ на Ангела Шанелец и „Нешто многу посебно“ на Ева Тробиш.

    Програмата Перспективи се враќа со своето второ издание, со вкупно 13 долгометражни дебија, од кои 11 ќе имаат светска премиера. Шест од филмовите се режирани од жени, а европските продукции и копродукции повторно имаат централно место во програмата.

    По сценариото на Митиќ и хрватскиот режисер и сценарист Огњен Свиличиќ, „17“ се снимаше пролетта 2024. Вистинит настан кој се случи во 2016, кога студентка од Скопје го фрли во корпа за отпадоци своето живо родено бебе, во тоалет на граничниот премин Табановцe и замина на апсолвентска екскурзија во странство, е инспирација за „17“.

    „Филмот не се занимава со барање одговори, не се занимава со обвинување, со морализирање, догматизирање, туку се занимава со тој одговор, односно тие луѓе, институции и тишини кои дозволиле такво нешто да се случи, девојка којашто отишла на апсолвентска екскурзија, се породила, го ставила бебето во корпа за отпадоци и се вратила назад на патувањето како ништо да не се случило, рече режисерката Косара Митиќ на прес-конференцијата во Скопје на 25 јануари.

    Митиќ досега режирала неколку кратки филмови, меѓу кои „Црвената соба“ (2016), „Роденден“ (2015) и „Намини бар еднаш“ (2013) кои биле прикажани на повеќе од 20 фестивали ширум светот.

    Во „17“ играат Ева Костиќ, Мартина Даниловска, Ева Стојчевска, Петар Маниќ, Ирена Димеска, Луна Бејков, Христијан Ристески, Алина Христовска, Даме Јовески, Јован Тодоров, Мина Јелушиќ, Тодор Стојковски, Иво Јездиќ, Ана Стојановска, Жаклина Стевковска, Сашко Коцев и Оливер Митковски.

    „17″ е копродукција на македонската „Црна мачка продукција“ со „Арт&попкорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија, поддржана од македонската Агенција за филм и филмските фондови на Србија и Словенија. Филмот доби 23 милиони денари (околу 345.000 евра) на првиот конкурс на Агенцијата за филм во 2021. Продуценти се Томи Салковски и Кристијан Буровски, кинематографер е Наум Доксевски, сценографи се Дејан Ѓоршевски и Александра Чевреска, костимите се на Жаклина Крстевска, шминка и фризура на Карла Лазиќ (Србија), снимател на звук е Аљаж Лукан (Словенија), а монтажер Дејан Смилески.

    Берлиналето трае до 22 февруари.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира