ЗА ЛАЖНИТЕ СООБРАЌАЈКИ ВО БИТОЛА ПАРИТЕ ЗАВРШУВАЛЕ ВО БУГАРИЈА, ПОКАЖА ИСТРАГАТА НА ОБВИНИТЕЛСТВОТО

    ЗА ЛАЖНИТЕ СООБРАЌАЈКИ ВО БИТОЛА ПАРИТЕ ЗАВРШУВАЛЕ ВО БУГАРИЈА, ПОКАЖА ИСТРАГАТА НА ОБВИНИТЕЛСТВОТООштетени се обично повозрасни лица кои добиваат телефонски повик дека нивно блиско лице е тешко повредено во сообраќајна несреќа и дека итно се потребни пари за сложена операција. (Фото: СДК.МК)

    Изминативе два-три месеци над 10 битолчани биле измамени со повици за лажни сообраќајни несреќи, а измамниците им извлекле над 60.000 евра и други вредни предмети. Оштетените граѓани биле контактирани преку телефонски броеви од Романија, а парите завршувале кај лица во Бугарија. Бројот на вакви настани особено се зголемил од почетокот на февруари, од кога се евидентирани веќе шест слични случаи.

    „Во сите предмети начинот на извршување е сличен – оштетени се обично повозрасни лица кои добиваат телефонски повик дека нивно блиско лице е тешко повредено во сообраќајна несреќа и дека итно се потребни пари за сложена операција. Втората верзија на лажни факти која измамниците им ја претставуваат на дел од оштетените е дека нивен близок предизвикал сообраќајна несреќа со тешки последици и дека парите се потребни за да се избегне затворска казна“, соопштија од Обвинителството.

    Доведени во заблуда и исплашени за своите блиски, оштетените се согласуваат лично на рака да исплатат различни суми пари, од десетици илјади денари до над 20.000 евра, златен накит и вредни предмети. Парите ги предаваат на различни локации во Битола, на лица кои претходно, преку оглас на Фејсбук, биле ангажирани за работа.

    „Според сознанијата на истрагата, парите потоа се пренесуваат и се предаваат кај засега непознато лице во Бугарија. Она што ги поврзува случаите се и телефонски броеви од Романија, кои се употребени во сите овие настани за контакт со оштетените“, соопштија од ОЈО.

    Од тие причини, Обвинителство упати и барање за меѓународна правна помош до органите на овие држави, со цел преземање дејствија за откривање на сторителите.

    До овој момент, Основното јавно обвинителство Битола има поднесено обвинение против четири лица кои се гонат како соизвршители во измамите и директно ги преземале парите од измамените граѓани. Во меѓувреме, истражните органи апелираат граѓаните да не потпаѓаат на вакви измами и да не прифаќаат исплата на пари „на рака” на лица кои воопшто не ги познаваат.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира