ВИНАРИЈАТА „ТИКВЕШ“ ОСВОИ 9 НАГРАДИ НА ВИНСКИ НАТПРЕВАР ВО ЈАПОНИЈА 

    ВИНАРИЈАТА „ТИКВЕШ“ ОСВОИ 9 НАГРАДИ НА ВИНСКИ НАТПРЕВАР ВО ЈАПОНИЈА Винскиот натпревар САКУРА е специфичен по својот уникатен пристап во кој вината ги оценуваат повеќе од 400 сертифицирани жени сомелиери и вински експерти од Јапонија.(Фото: Тиквеш)

    Винарската визба „Тиквеш“ освои девет престижни награди на 13. издание на меѓународниот вински натпревар САКУРА во Јапонија, еден од највлијателните вински настани во Азија. Меѓу деветте признанија се две гран-при награди, како и два двојни златни медали, четири златни и еден сребрен медал, што претставува јасен сигнал за конзистентниот квалитет и глобалната релевантност на вината на „Тиквеш“.

    Највисоките награди на натпреварот ги понесоа вината Барово Розе 2024 и Вранец Луда Мара 2022. Притоа, Бараво Розе 2024 освои двоен златен медал и гран-при награда за најдобро розе вино, а Вранец Луда Мара 2022 освои златен медал и гран-при награда за вино што најдобро се комбинира со корејската кујна.

    Останатите наградени вина се: Бела Вода црвено вино 2021, кое освои двоен златен медал, Шардоне 2023, Бабуна црвено вино 2022 и Александрија Премиум Куве Розе 2024, кои освоија златни медали и Барово црвено вино 2021, кое освои сребрен медал.

    „Овие признанија се резултат на нашата долгорочна посветеност, како кон квалитетот, така и кон создавањето вина со јасен идентитет и тероарска автентичност. Нашата амбиција е македонското вино да биде препознаено не само по вкусот, туку и по карактерот што го носи“, велат од „Тиквеш“.

    Винскиот натпревар САКУРА е специфичен по својот уникатен пристап во кој вината ги оценуваат повеќе од 400 сертифицирани жени сомелиери и вински експерти од Јапонија, со особен фокус на нивната компатибилност со азиската гастрономија. Со над 4.000 вина пријавени секоја година, овој натпревар претставува релевантна платформа за позиционирање на вината на еден од најдинамичните светски пазари.

    „Со овој резултат, „Тиквеш“ дополнително ја зацврстува својата позиција како еден од најрелевантните вински производители од регионот и значаен претставник на имиџот на македонското вино на глобалната сцена“, додаваат од винарската визба.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира