1 Уф, каква недела беше ова. Со мисијата на НАСА „Артемис 2“ човекот отиде најдалеку во вселената досега. Во исто време, американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека „цела цивилизација ќе умре вечерва и никогаш нема да се поврати“.
А Македонија истиот ден во Вашингтон го одржа вториот Стратешки дијалог со САД. На Американците им понудивме рудник за антимон во кривопаланечкото село Луке, во близина на некогашниот рудник за хром, антимон и арсен во Лојане. Затворениот рудник е црна еколошка точка која уште труе над 1.500 жители што живеат во селата околу него. Државата не ги има санирано последиците од стариот рудник, а ќе прави нов рудник во истиот регион.
2 Со стратешкиот дијалог било договорено САД да дадат 3,5 милиони долари за осовременување на македонската полиција. Можеби дел од тие пари ќе одат за обука на полицајците како да препознаат семејно насилство, па и како да реагираат кога ќе препознаат семејно насилство.
Продолжува сведочењето во судењето против Стојанче Јовановски, чија сопруга Ивана Стојаноска се фрли од зграда заедно со шестгодишната ќерка Катја не можејќи да го трпи неговото долгогодишното малтретирање и тепање. Се открива дека полицијата не реагирала во десетина наврати изминатите години, не реагирала ни истиот ден кога се случи трагедијата. Стојанче ја тепал на улица пред Судот, таа викнала полиција, а тие кога дошле ѝ рекле дека ако уште еднаш пријави, ќе добие кривична за лажно пријавување.
Ова е некако слично како кога премиерот, во духот на конзервативната идеја, ни раскажува приказни за тешкиот живот на младите во туѓина, промовира семејни вредности и ни зборува за многудетни семејства, па дури и Министерството за труд и социјална политика го прекрстија во Министерство за социјална политика, демографија и млади, а во исто време Комисијата за спречување и заштита од дискриминација бележи десетици пријави на жени кои биле избркани од работа во моментот кога газдите откриле дека се бремени. Само нашава редакција има објавено најмалку 5 такви поединечни случаи. А колку се необјавени? А колку се непријавени?
Исто како со случајот на Ивана и Катја, за кој разбравме откако двете завршија на плочник пред зградата во којашто живеат, со неколку стотици комшии, во главниот град на државата. За колку Ивани уште не знаеме?
Трудници отпуштени од работа затоа што се трудни. И жени малтретирани, тепани и убиени затоа што се жени.
3 Реалноста оди од еден до друг екстрем.
Во Велес една странска компанија, чии газди се велешани, традиционално пред Велигден бесплатно делеше јајца. Мораше да интервенира полицијата зашто граѓаните ќе се истепаа. За еден час бесплатно беа поделени 2.000 табли јајца.
Минатиот октомври, за време на традиционалната Велешка питијада, за малку ќе станеше тепачка за џиновската пастрмајлија долга над четири, а широка над еден метар.
Во истиот тој Велес минатиот месец, седум дена пред отварањето на театарскиот фестивал 5РЕ посветен на Петре Прличко, велешани дојдоа во 9 сабајле пред отварање на билетарата и трпеливо чекаа во ред да си купат билети за претставите.
Тоа се двата контрасти на еден ист град. Тоа се двата двата контрасти на Македонија.
А, како што гледаме, и двата контрасти на светот. Цивилизацијата што ја освојува вселената. И цивилизацијата што уништува цивилизација.
4 Впрочем, ние тука живееме меѓу два екстрема. Како ли е секој ден да живееш со умислата дека си центар на светот, а истовремено, секој ден да се плашиш дека ќе те снема?
Не знам за другите во светот, ама нам Македонците не ни е баш лесно.
5 Среќен Велигден на сите што слават. А за другите, среќен продолжен викенд. И – со среќа на граничните премини со Европската Унија. Наоружајте се со трпение.
Владата се фали дека секојдневно испишува историја. А нашите два-три часа на граница за влез во ЕУ, макар и за продолжен викенд, во историјата се – ништо. Едно трепнување.
Што се два-три часа нервози и понижувања, во однос на 35 години чекање за ЕУ? И дваесет години чекање да почнеме преговори со ЕУ. И уште којзнае колку децени што следат.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST



