Пратениците од владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН денеска не стиснаа зелено копче за предлог-законот на СДСМ да се донесат по скратена постапка измени и дополнувања на Законот за Владата со кои би им се забранило на премиерот и на министрите и замениците-министри, да имаат и друго државјанство освен македонското.
Истовремено, предлог-законот што го поднесе ВМРО-ДПМНЕ пратениците да не смеат да поседуваат друго државјанство освен македонското, тие не го ставаат на дневен ред на комисиска расправа, велат од СДСМ.
На прашање зошто не го пуштаат во собраниска процедура Предлог-законот за пратеници, кои самите го предложија пред месец дена, од владејачката ВМРО-ДПМНЕ велат дека пратеници од албанскиот блок најавиле дека ќе го блокираат.
На прашање пак зошто денеска не го гласаа предлогот на СДСМ за членовите на извршната власт да бидат само со едно, само со македонско државјанство, од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ни одговорија:
„Затоа што не сме консултирани. Имаше најави за проверка на уставноста на законитоста изјаснување на експерти за тоа ограничување на државјанствата на членовите на извршната власт“.
„За“ единствено македонско државјанство гласаа само 20 пратеници од вкупно 84 регистрирани во салата.
Пред гласањето, Оливер Спасовски од собраниската говорница рече дека целта е да се воспостават еднакви критериуми за сите избрани и именувани функционери.
„Со оглед на тоа што таков услов се поставува и во Законот за пратеници поднесен од ВМРО-ДПМНЕ, односно пратениците во македонското Собрание можат да бидат исклучиво државјани на Република Северна Македонија, тогаш, аналогно на тоа, треба да имаме едно вакво законско решение со кое практично ќе ограничиме исклучиво и единствено само државјани на Република Северна Македонија да можат да бидат избрани за членови на Владата“, кажа Спасовски.
„Сега гледаме бугарски државјанства, чешки државјанства итн. Тоа е нешто што го имаме официјално за членовите на Владата и што тие овде, пред Собранието, го имаат потврдено. Зборувам конкретно за министерката за енергетика Сања Божиновска, а веројатно ќе се уредат овие начини и ќе видиме точно за секој што ќе се избира како член на Владата да важат истите овие правила“, рече Спасовски.
С. К. ДЕЛЕВСКА



