На Галичица природата е прекрасна, но понекогаш и сурова. Еден погрешен чекор, една изгубена патека значи повик за помош. Тогаш започнува трката со времето. А зад секоја спасувачка акција стојат млади луѓе волонтери, кои наместо обичнo хоби, избрале мисија да спасуваат животи. Во современиот оперативен и тренинг-центар за планинско спасување во Охрид, изграден преку три проекти финансирани од Европската Унија во вредност од речиси 2 милиони евра, младите спасувачи минуваат низ интензивни обуки и симулации на реални ситуации.
Центарот е резултат на ИПА програмата за прекуграничната соработка меѓу Македонија и Албанија и денес претставува место каде што адреналинот се претвора во знаење, а хуманоста во животна определба.
Тука се учи како да се реагира во најтешките моменти – спасување на повредени планинари, интервенции на стрмни и непристапни терени, укажување прва помош и безбедна евакуација.

Во тимот има 17 волонтери со помината тригодишна обука за самостојни спасувачи, а зад секоја акција стои и логистички тим кој овозможува координација и поддршка на терен. (Фото: СДК.МК)
„Кога ќе стигнете до човек кој мислел дека нема спас, сфаќате колку вреди секоја минута тренинг. Во тие моменти забораваш на умор. Размислуваш само како човекот да го вратиш жив и безбеден“, велат спасувачите.
Во тимот има 17 волонтери со помината тригодишна обука за самостојни спасувачи, а зад секоја акција стои и логистички тим кој овозможува координација и поддршка на терен. Меѓу нив е и Мартин Пејоски, искусен алпинист и спасувач со долгогодишно искуство во спасувачки операции и едукација на алпинисти и спасувачи.
„Напорните тренинзи и одржувањето високо ниво на физичка подготвеност се од исклучително значење за успешно реализирање спасувачки активности на планина“, вели Пејоски.
Најчести се несреќите со параглајдери, повреди при возење четириколки кои туристите често ги изнајмуваат без доволно искуство, како и незгоди со велосипедисти кои се движат со поголема брзина по нерамен терен. Чести се и случаи на залутани туристи, различни повреди, па дури и сообраќајни несреќи.
Дел од акциите кои ги паметат спасувачите се исклучително тешки и ризични. Една од нив е спасувањето на повреден странски параглајдерист кој изведувал самостоен лет на Галичица. По укажаната прва помош следувала долга и сложена евакуација низ тежок и непристапен терен реализирана од обучениот тим со помош на современата опрема обезбедена преку проектот од ЕУ.
„Тешка несреќа со сериозни повреди на ‘рбетен столб. За среќа, во тој момент тројца спасители од Планинската спасителна служба се наоѓаа во Планинската куќа ‘Спиридон’, каде е лоцирана и спасителната станица опремена со специјализирана техничка опрема за интервенции во овој дел од планината. Веднаш по приемот на дојавата, екипата за помалку од 15 минути пристигна до местото на несреќата, изврши примарен преглед и имобилизација на повредениот, млад човек со сериозни повреди, по што започна комплексна спасувачка операција по сите меѓународни стандарди и транспорт по стрмен и исклучително тежок терен“, вели претседателот на Национален сојуз за планинско спасување, Антонио Додевски.
Спасувачите велат дека паралелно со зголемениот обем на туризмот постојано расте бројот на интервенции, а со тоа и потребата од обучени спасувачки тимови станува сè поголема.
„Не ретко се случуваат вакви инциденти. Како што расте бројот на туристи така ќе расте и бројот на несреќи така што ние се обидуваме да бидеме максимално подготвени и што поефикасно да ги изведуваме нашите операции“, кажува Додевски.

Плановите во наредниот период се насочени кон дополнителна едукација и стручна надградба на волонтерите, подобрување на опременоста на спасувачките станици и создавање ефикасен национален систем за планинско спасување. (Фото: СДК.МК)
Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид е резултат на три последни проекти финансирани од Европската Унија, преку кои постепено се создава современ и организиран систем за спасување на планина.
„Со овие партнерски проекти се воспостави нов систем и нова служба која продолжува активно да функционира и по завршувањето на проектите“, велат од центарот.
Преку првиот проект бил формиран тренинг-центарот и била набавена основната опрема неопходна за интервенции на терен – теренски возила, специјални АТВ возила, приколки, лична и колективна опрема, како и техничка опрема за спасување во сложени и непристапни услови.
Со вториот проект обезбедена е специјализирана опрема за делување во зимски услови и формиран е Националниот сојуз за планинско спасување со седиште во Охрид, во кој членуваат 12 организации од државата. Целта е сите тимови да располагаат со основна спасувачка опрема и да можат брзо и ефикасно да интервенираат на терен.
Паралелно се работи и на воспоставување нов национален стандард за обука на спасувачи, усогласен со меѓународните препораки и стандарди на Меѓународната комисија за алпско спасување (ICAR).
„Работиме целиот систем да добие и законска рамка, а идните спасувачи да се обучуваат според современи меѓународни стандарди“, велат од службата.
Плановите во наредниот период се насочени кон дополнителна едукација и стручна надградба на волонтерите, подобрување на опременоста на спасувачките станици и создавање ефикасен национален систем за планинско спасување. Посебен акцент се става и на меѓународната соработка преку заеднички проекти, тренинзи и вежби со спасувачки служби од регионот, како и активно учество во стручните комисии на ICAR.
Во рамки на проектите, заедно со Националниот парк „Галичица“, се реализираат активности и за заштита на природата. Во државата моментално има околу 250 волонтери, искусни алпинисти и љубители на планината, кои со дополнителна едукација би можеле да бидат вклучени во сериозни технички спасувачки операции.
С. ВРЕНЦОВСКА
„Овој текст е изработен со финансиска поддршка од Шведска преку проектот „Поддршка за европската интеграција на Северна Македонија“, имплементиран од Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (УНОПС). Содржината на овој текст е единствена одговорност на дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува ставовите на Шведска и УНОПС“.



