Откако денеска Кривичен суд соопшти дека со пресуда на Апелација ексградоначалникот на скопската Општина Карпош Стевчо Јакимовски правосилно е осуден на една година затвор, тој вели дека ова е политичка одлука за да не може да се кандидира за градоначалник на вонредните избори.
Јакимовски е осуден за изградба на бараките во скопското основно училиште „Лазо Трповски“ каде беше сместена општинската администрација до пуштањето на употреба на новата општинска зграда.
„Второстепениот суд, постапувајќи по жалба на обвинетите и на надлежниот Јавен обвинител донел пресуда според која, пресудата против обвинетиот С. Ј., поранешен градоначалник на Општина Карпош, за кривичното дело – Бесправно градење од чл. 244 – а ст.1 од Кривичниот законик (КЗ), за кое дело му е утврдена казна затвор во траење од една година се потврдува, а во изречената казна затвор му се засметува и времето минато во куќен притвор од 19.03.2019 год до 15.08.2019 година“, соопштија од Кривичен суд и додаваат дека за еден дел од предметот, судењето се враќа од почеток.
Јакимовски денеска, на прес-конференција пред бараките за кои е осуден, кажа дека во оваа ситуација е виновен за да биде спречен да се кандидира на повторните избори за градоначалник на Општина Карпош. Актуелниот градоначалник на Карпош Сотир Лукровски кој беше кандидат на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори лани во октомври, повеќе од еден месец не доаѓа на работа и е на боледување.
„Повеќе од очигледно е дека лицето што беше избрано за градоначалник на Општина Карпош направи нешто што е незапаметено во историјата на Македонија, го напушти своето работно место и му се губи трагот, и сега власта бара чаре како да се справи со евантуалниот пораз во Општина Карпош. Нивниот рејтинг во Карпош е мал, преповолен е бројот на гласови и тоа е основна причина зошто сум виновен. Од сите страни добивавме информации дека предметот се укинува и се враќа на повторно одлучување во Основиот суд. Ова е сега нешто ново, направено под притисок. Знам дека судиите работат под притисок и очекувам дека Врховниот суд ќе ја отфрли оваа политичка пресуда. Ова е доказ дека ние имаме диктаторски режим којшто се пресметува со своите. Сакам да му порачам на премиерот Мицкоски следново ‘кој си игра со меч, од меч ќе загине’“, рече Јакимовски.
Премиерот Христијан Мицкосвски на 6 јуни рече дека здравствената состојба на Лукровски бара тој да мирува.
А. АНТЕВСКА



