ГОЛЕМИТЕ КОНТЕЈНЕРИ НИ СЕ ПРОБЛЕМ ОТИ ОД 4 КАМИОНИ ЗА ПОДИГНУВАЊЕ РАБОТИ САМО ЕДЕН, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА СКОПСКАТА „КОМУНАЛНА ХИГИЕНА“

    ГОЛЕМИТЕ КОНТЕЈНЕРИ НИ СЕ ПРОБЛЕМ ОТИ ОД 4 КАМИОНИ ЗА ПОДИГНУВАЊЕ РАБОТИ САМО ЕДЕН, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА СКОПСКАТА „КОМУНАЛНА ХИГИЕНА“Овие контејнери не можат да се подигнуваат со другите возила, туку мора со специјални камиони.(Фотографија објавена на Фејсбук на 28 мај од полни контејнери во Аеродром)

    Директорот на ЈП „Комунална хигиена“ Драги Митковски вели дека има проблем со собирање на ѓубрето и со преполни контејнери  поради големите контејнери од 3.200 литри. За нив од четири камиони кои ги има претпријатието, работи само еден.

    Овие контејнери не можат да се подигнуваат со другите возила, туку мора со специјални камиони.

    „Големите контејнери кои се поставени долж булеварите и главните улици го создаваат проблемот и се извор на диви депонии. Во функција ни е само еден камион, а и тој понекогаш се расипува. Затоа ако еден ден не се собере ѓубрето, се создаваат депонии околу нив. Исто така, со овие камиони не може да се собере ѓубрето надвор од контејнерите бидејќи отворот е на горниот дел. Потоа праќаме екипи со други возила рачно да го собираат. Затоа овие контејнери ќе ги исфрлиме од употреба. Во тек е набавката на нови возила и контејнери и штом тие стигнат ситуацијата ќе се стабилизира“, вели директорот Митковски на прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК зошто во Скопје и понатаму има полни контејнери, седум месеци по доѓање на фунцкија на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски кој рече ќе го исчисти главниот град за 72 часа.

    Контејнерите од 3.200 литри беа набавени во мандатот на градоначалникот Петре Шилегов. Купени беа 540 контејнери за ѓубре, 30 за селектирање на отпад и 4 камиони. Овие контејнери се речиси со трипати поголем капацитет од другите контејнери, опремени се со механизам за автоматско затворање на капакот и педала за ножно отворање. Но, кусо време по нивната набавка почнаа оштетувањето и денеска ретко кој контејнер не е искршен.

    Во мандатот на градоначалничката Данела Арсовска не беше набавено ниту едно возило.

    Со набавката на Град Скопје која е во завршна фаза ќе се набават 40 нови камиони и 2.500 контејнери.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира