На 20 јуни од 21 часот во Градскиот парк во Скопје, оркестарот на Филхармонијата, ќе ја изведе музичко-сценската кантата „Кармина Бурана“ од Карл Орф. Директорот Мустафа Имери на денешната прес-конференција кажа дека овој концерт ќе биде моќна завршница на концертната сезона „Без филтер“. Покрај оркестарот на Филхармонијата, учествуваат музичари од Софиската филхармонија, Државниот симфониски оркестар од Солун, хорот на Операта, детскиот хор „Пиколо“ и хорот од Музичкото училиште од Солун.
Диригент е маестро Најден Тодоров од Бугарија, кој беше иницијатор на овој проект што прво се реализираше во Софија, па потоа во Солун. Како солисти ќе настапат сопранот Ана Дурловски, тенорот Николас Спанос од Грција и Иво Јорданов од Бугарија.
Симос Папанас, директор на Државната филхармонија од Солун, рече дека ова е само почеток на соработката со колегите од Скопје и од Софија.
„Сакаме да го промениме постоечкиот модел и наратив дека не научивме заедно да работиме. Преку овој проект сакавме да го докажеме спротивното, дека полесно е да најдеш двајца музичари кои ќе седнат на еден пулт, отколку двајца политичари кои ќе седнат на иста маса. Живееме во турбулетно време, и нашата мисија како уметници е да покажеме дека можеме заедно“, рече Папанас.
„За нас е големо задоволство што по изведбата на’Кармина Бурана’ во Софија и Солун, во Градскиот парк ќе одекне и пред домашната публика и на тој начин ќе се заокружи оваа значајна соработка меѓу трите балкански оркестри“, рече Имери.
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков рече дека културата има најголема смисла тогаш кога излегува од салите и институциите и станува дел од секојдневниот живот на луѓето.
„Убеден сум дека на 20 јуни ќе бидеме сведоци на вечер што долго време ќе остане во нашите сеќавања. Пред повеќе од две децении, токму нашата филхармонија беше иницијатор на идејата за Балканска филхармонија, обединувајќи музичари од регионот во име на уметноста и заедничките вредности. Претстојниот концерт на трите филхармонии само ја продолжува таа благородна традиција“, рече Љутков.
Ана Дурловски кажа дека ова за неа е исклучително важен проект.
„Овој проект покажува колку е значајна културната дипломатија, и дека преку вакви проекти музиката и културата градат мостови, онаму каде што политиката става граници. Се радувам што ќе се видаме следната недела со нашите колеги со кои изградивме искрено пријателство“, рече Дурловски.
Концертмајсторот Владимир Костов кажа дека овој концерт ќе биде уште една потврда за универзалниот јазик на музиката.
„Музиката говори на јазик разбирлив за сите, и токму таа универална порака е суштината на овој концерт. Заедно обединети на сцена, повеќе од 200 музичари од три држави уште еднаш ќе потврдат дека музиката руши бариери и обединува“, кажа Костов.
М. ЏАРОВСКА



