ШАЛТЕР-САЛАТА ВО ПОШТАТА ЌЕ СЕ КОНЗЕРВИРА, НО НЕМА ДА БИДЕ ГОТОВА ЗА „СКОПЈЕ 2028“

    ШАЛТЕР-САЛАТА ВО ПОШТАТА ЌЕ СЕ КОНЗЕРВИРА, НО НЕМА ДА БИДЕ ГОТОВА ЗА „СКОПЈЕ 2028“Шалтер-салата во Поштата. Објектот денес се смета за симбол на постземјотресното Скопје и е често спомнувана како едно од највредните модернистички архитектонски дела на Балканот. (Фото: Н. Батев)

    Обезбедени се пари за реконструкција на Шалтер-салата во зградата на Централната пошта во Скопје, се чека одобрението за градба, вели министерот за култура и туризам Зоран Љутков. Министерот во 2024 најави дека зградата на Централната пошта во Скопје ќе биде реновирана и ќе има намена за мултифункционален комплекс кој ќе биде подготвен и за потребите на Скопје – Европска престолнина на културата 2028.

    „Фазно е решавањето во овој дел, бидејќи внатре мора да се прави конзервација на сето она што го имаме, но тоа ќе дојде во вториот дел. За да се работи на тоа, мора прво кровната конструкција да се реши. Проектот е готов, обезбедени се средства, во моментов е во Министерство за транспорт и врски, го чекаме одобрението за градба и почнуваме со работа. Мора прво да го затвориме горниот дел, значи кровната купола, а потоа да може да се работи на конзервација внатре“, вели Љутков за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Просторот воодушевува со бетонската градба и масивните геометриски форми, а предизвикува чувство на лутина и очај, зошто таква градба не е исчистена барем од изметот и пердувите од гулабите.  (Фото: Н. Батев)

    На прашањето дали ќе биде готова за „Скопје 2028“, Љутков вели оти не верува дека ќе биде готова.

    „Таа не е ни во план да биде готова во 2028, бидејќи е многу подолг процес за разлика од овие класичните градби, бидејќи навистина внатре има поголем обем на работа во делот на конзервацијата. Но секако, сите објекти коишто треба да бидат направени Скопје 2028 година, титулата продолжува и понатаму низ низ следните години, бидејќи таа фондација којашто е формирана ќе продолжи да функционира во соработка и со идните престолнини на културата, но и со оние коишто претходно биле. Така да, Шалтер-салата ќе биде во наредниот период после 2028“, рече Љутков.

    Зградата на Централната пошта во Скопје во 2021 се најде на листата 7 најзагрозени споменици во Европа за таа година. Листата на најзагрозени споменици ја составуваат Европа Ностра и Европската инвестициска банка. Уште тогаш тие објавија дека секој од загрозените споменици на листата ќе добие по 10.000 евра грант за активност која ќе придонесе за зачувување.

    САКАМДАКАЖАМ.МК веќе пишуваше дека основниот проект за препокривање на Шалтер-салата е изработен од Конзерваторскиот центар – Скопје, со чија реализација ќе се спречат натамошни оштетувања од атмосферски води.

    Во 2024, тогашниот евроамбасадор Дејвид Гир, пред заминување од должноста, се сретна со вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и со претставници на Министерството за култура и разговарале за реставрација на централната зграда на Македонска пошта во центарот на Скопје како објект од културно и архитектонско значење.

    „Негрижата за културното наследство доведе до овој степен да објектите кои ни се од културолошка и архитектонска важност да останат незаштитени. Тоа нема да го толерираме. Денешната средба со евроамбасадорот Гир беше токму во таа насока, оштетениот објект на централната зграда на Пошта да го реставрираме и да го заштитиме како објект кој има културна вредност во историјата на Македонија. Тоа нема да е ниту лесен потфат, ниту евтин проект. Напротив, ќе треба да се вложи многу енергија, време и пред сѐ стручно знаење како и сериозни средства. Но, централниот објект на Пошта е од огромно историско и културно значење за Македонија како еден од најзначајните објекти од времето на брутализмот и мора да биде заштитен во својата основна форма и ставен во функција”, рече Николоски по средбата во 2024.

    Гир со години често апелираше до македонските политичари и институции да не дозволат да пропадне зградата на Централната пошта во Скопје.

    Целиот комплекс на Пошта на Северна Македонија, на кејот на Вардар во строгиот центар на Скопје, претставува вредно архитектонско дело на познатиот македонски и југословенски архитект Јанко Константинов (1926-2010). Објектот претрпе голем пожар во 2013 и како последица на тоа, оригиналната површина на куполата и фреските од Борко Лазески, како и опремата и осветлувањето, беа целосно уништени.

    Дел од овој историски комплекс е и Телекомуникацискиот центар, но претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски објектот во кој е сместен МЕПСО го преоблече со барокна фасада. Тоа беше во рамките на озлогласениот проект „Скопје 2014“ за кој тогашната власт потроши над 700 милиони евра.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира