МИЦКОСКИ ГО ИЗВЕСТИЛ НАТО ДЕКА БУГАРИЈА ЈА ЗАГРОЗИЛА БЕЗБЕДНОСТА НА СОПРУГАТА И СИН МУ ОТИ ОБЈАВИЛА ДЕТАЛИ ЗА ПРЕСТОЈОТ ВО СКИЈАЛИШТЕТО ПАМПОРОВО

    МИЦКОСКИ ГО ИЗВЕСТИЛ НАТО ДЕКА БУГАРИЈА ЈА ЗАГРОЗИЛА БЕЗБЕДНОСТА НА СОПРУГАТА И СИН МУ ОТИ ОБЈАВИЛА ДЕТАЛИ ЗА ПРЕСТОЈОТ ВО СКИЈАЛИШТЕТО ПАМПОРОВОМицкоски ја посочи објавата на дипломатската нота која се однесувала на зимувањето на неговата сопруга и синот во познатото бугарско зимувалиште Пампорово како пример за заострување на односите меѓу двете земји. (Фото: Влада на РСМ)

    Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека ги информирал партнерите во НАТО дека Бугарија ја загрозила безбедноста на неговото семејство зашто протекол документот за престојот на неговата сопруга и помалиот син во бугарското зимувалиште Пампорово во јануари и е објавен на социјалните мрежи.

    Станува збор за дипломатската нота односно документот кој македонската амбасада во Софија го испраќа до бугарското Министерство за внатрешни работи на 6 јануари 2026, во кој се наведени детали за патувањето на сопругата Рози и синот Антонио на Мицкоски од 8 до 11 јануари во познатото зимско одмаралиште во Бугарија, Пампорово. Овој документ на 16 јуни е објавен на позната антимакедонска фејсбук страна која се нарекува „Грубовци, Ениџе Вардар – родна Македониjа“. Нејасно е кој ја имал одговорноста за чување на тој документ и како тој стигнал до јавноста.

    Во документот објавен на фејсбук-групата на 16 јуни, се гледа дека аматерски се редактирани одредени информации, но сепак јасно се гледаат детали околу информациите за службените возила, имињата на патниците, оружјето кое го носело обезбедувањето, како и радиофрекфенцијата на која комуницирале. По објавата на оваа контроверзна група, објавен е напис на еден локален пробугарски блог, па дури и е направен и рил со помош на вештачка интелегенција, кој изобилува со коментари полни со говор на омраза. Во таа медиумската кампања, со објави на пробугарски блогови и содржини генерирани со вештачка интелигенција, се потенцира контраст меѓу реториката на Мицкоски кон Бугарија и приватното патување на неговото семејство во таа земја.

    Денеска, на новинарско прашање дали во периодот што следи се очекува придвижување во дијалогот со Бугарија, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека пораките што пристигнуваат од Софија не оставаат простор за оптимизам. Напротив, според него, наместо напредок, во последно време се создава радикализација на позициите од бугарската страна. Како пример за заострување на односите Мицкоски ја посочи објавата на дипломатската нота која се однесувала на зимувањето на неговата сопруга и синот.

    „Сигналите кои доаѓаат оттаму, не ме прават оптимист. Напротив сметам дека состојбата се радикализира. Еве, вчера видовме еден преседан во дипломатијата кога излезе дипломатска нота за тридневен престој на мојата сопруга со мојот помал син кај наши паријатели да речеме, во Пампорово, нешто што е невообичаена пракса во светот на дипломатијата и можеби единствена како таква. Замислете сега ние да ги вадиме сите дипломатски ноти коишто ги испраќаат од нашиот источен сосед и практично во тие дипломатски ноти пишуваат работи коишто можеби исто така би биле интересни за јавноста. Така што, вчера видов еден преседан“, изјави Мицкоски.

    Тој додаде оти за овој случај ги информирал и партнерите во НАТО бидејќи смета дека со објавувањето на ваква дипломатска нота се загрозува безбедноста на неговото семејство.

    „Сепак ние сме земја-членка на НАТО. Јас ја користам оваа прилика и на мојата сопруга и на мојот помал син Антонио да им се извинам што мора сето ова да го трпат“, рече Мицкоски додавајќи дека станува збор за аматерски потег што не треба да не дефокусира од, како што рече Реформската агенда и економијата.

    На 4 мај, премиерот Мицкоски ги повика македонските граѓани да летуваат на нашите планини и езера откако Европската Унија воведе дигитална евиденција на патниците од земјите кои не се членки на Шенген зоната. Мицкоски ова го изјави одговарајќи на новинарско прашање дали Владата ќе побара од Европската унија одложување на новиот систем во летната сезона.

    Како главен предуслов за отворање на првиот кластер поглавја во преговорите за членство во ЕУ, според Преговарачката рамка, Македонија треба да го смени Уставот, поточно во Преамбулата, покрај останатите нации да ги додаде и Бугарите. Ова е услов на Бугарија која стави вето на почетокот на преговорите до промена на Уставот, поради што тие се закочени. Во меѓувреме, пред неколку дена Европската унија ги отвори првите кластери во преговорите со Украина и Молдавија, а Црна Гора и Албанија се очекува да станат следните членки на европското семејство.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира