НЕ СЕ ОТКАЖАВ ОД ФУНКЦИЈАТА, БОЛЕН БЕВ, СЕ ВРАЌАМ НА РАБОТА СО НОВА ЕНЕРГИЈА, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ЛУКРОВСКИ И МУ СЕ ЗАБЛАГОДАРИ НА МИЦКОСКИ ЗА ПОДДРШКАТА

    НЕ СЕ ОТКАЖАВ ОД ФУНКЦИЈАТА, БОЛЕН БЕВ, СЕ ВРАЌАМ НА РАБОТА СО НОВА ЕНЕРГИЈА, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ЛУКРОВСКИ И МУ СЕ ЗАБЛАГОДАРИ НА МИЦКОСКИ ЗА ПОДДРШКАТАЛукровски откако е дојден на функција не контактира со медиумите, досега нема одржано прес-конференција или брифинг со новинари, само пишува објави на Фејсбук. (Фото: Фејсбук)

    Градоначалникот на Општина Карпош Сотир Лукровски, кој по два месеца денеска се врати на работа, вели дека не биле точни информациите оти земал лажно боледување и дека се откажал од градоначалничката фунцкија. Тој денеска преку својот фејсбук профил најави дека се вратил на работа и објави фотографија со досегашниот заменик-градоначалник Неделчо Крстевски и претседателот на Советот на Општина Карпош Христо Саракиниов.

    Лукровски не одговараше на нашите телефонски повици. Откако е дојден на функцијата, како градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, тој не контактира со медиуми, ниту досега има одржано прес-конференција или брифинг со новинари.

    „Ова враќање за мене не претставува само продолжување на професионалните обврски, туку и лична победа над здравствените предизвици со кои се соочив во изминатиот период. Од срце му благодарам на премиерот Христијан Мицкоски за човечноста, поддршката и помошта во мојата борба. Најодговорно сакам да ги демантирам сите шпекулации и лаги врзани за моето име, згрозен сум од начинот со кој што одредени поединци и партии пробаа да дојдат до евтини политички поени на сметка на мојата состојба. Само оние кои недоволно ме познаваат може да поверуваат дека сум се откажал. Сега, по божја волја, се враќам со нова енергија“, напиша Лукровски.

    Лукровски беше на боледување од 7 мај, а го заменуваше заменик-градоначалникот Неделчо Крстевски, кој е член на Советот на Општина Карпош од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Крстевски се појавуваше на сите настани поврзани со работата на Општината, а одржуваше и прес-конференции.

    Откако Лукровски замина на боледување, ексградоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски тврдеше дека тој не е болен туку не сака да ја врши функција, сакал да си поднесе оставка, но од ВМРО-ДПМНЕ не му дозволувале. На 26 мај, тој на прес-конференција изјави дека Лукровски боледува од неработење и неодговорност и оти се шета низ трговскиот центар „Сити мол“ додека му трае боледувањето.

    Премиерот Христијан Мицкоски на 6 јуни изјави дека здравствената состојба на Лукровски, бара мирување.

    Лукровски на Локалните избори во октомври 2025 како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ го победи тогашниот актуелен градоначалник Стевчо Јакимовски од ГРОМ.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира