ЛУКРОВСКИ Е НА ШОПИНГ-ТЕРАПИЈА, РЕЧЕ ЈАКИМОВСКИ И ГО ПОВИКА КЛЕКОВСКИ ДА ГИ ПРОВЕРИ КАМЕРИТЕ ВО „СИТИ МОЛ“ ЗА БОЛЕДУВАЊЕТО НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА КАРПОШ

    ЛУКРОВСКИ Е НА ШОПИНГ-ТЕРАПИЈА, РЕЧЕ ЈАКИМОВСКИ И ГО ПОВИКА КЛЕКОВСКИ ДА ГИ ПРОВЕРИ КАМЕРИТЕ ВО „СИТИ МОЛ“ ЗА БОЛЕДУВАЊЕТО НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА КАРПОШЛукровски (десно) со директорот на ФЗО Клековски (лево) за време на изборната кампања за Локалните избори 2025. (Фото: Фејсбук страна на Лукровски)

    Поранешниот градоначалник на скопската Општина Карпош Стевчо Јакимовски вели дека актуелниот градоначалник Сотир Лукровски боледува од неработење и неодговорност и оти се шета низ трговскиот центар „Сити мол“ додека му трае боледувањето. Лукровски е на боледување повеќе од две недели и го овласти општинскиот советник од ВМРО-ДПМНЕ Неделчо Крстевски за заменик-градоначалник.

    Одлуката на 7 мај беше објавена во Службен гласник на Општината. Боледувањето од матичен лекар му истече минатата недела.

    „Во Македонија се појави нова медицинска гранка, ниту е кардиологија, ниту е неврологија, ниту е психијатрија. Во Македонија изгледа се појави таа нова медицинска гранка што се вика ‘шопинг-медицина’.
    ​Новата терапија, очигледно, се спроведува околу ‘Сити мол’ и во ‘Сити мол’. Малку во ‘Ејч енд ем’ малку во ‘Зара’, па прошетка покрај ‘Нептун’ до горните гаражи, па од тука на комисиско боледување. И сето тоа на товар на граѓаните“, рече Јакимовски на прес-конференција пред трговскиот центар во Скопје.

    Тој рече дека Лукровски на 5 мај ги пренесе своите овластувања на Крстевски и поминаа повеќе од 20 дена како градоначалникот не доаѓа на работа, а никој не знае од што боледува. Рокот за боледување од матичен лекар помина и сега задолжително мора да биде комисиски одобрено боледување.

    Матичен лекар може да издаде боледување до 14 дена. До 7 дена боледување издава самостојно со проценка на состојбата на пациентот, а над 7 дена ако има здравствена документација пропратена од специјалист. Ако по истекот на овој период сè уште лицето не е способно за работа, за продолжување на боледувањето одлучува надлежна лекарска комисија.

    Јакимовски кажа дека Лукровски повеќе пати е виден како пазари во околните маркети таму каде што живее, како и двапати е виден како пазари во „Сити мол“.​

    „Пред повеќе од десетина дена е виден како пазари во ‘Ејч енд ем’, а во четвртокот (21 мај) околу 10:30 часот бил виден во ‘Зара’, со кеса од ‘Зара’, како се движел покрај ‘Нептун’ кон излезот, односно кон горниот паркинг. Прашуваме: Каква е оваа нова терапија? Комисиско боледување со шопинг во ‘Сити мол’? Боледување со прошетка по бутици, терапија ‘Зара’, еднаш дневно пред, после појадок? Или ова е специјален медицински протокол само на ВМРО-ДПМНЕ? ​Сега јавно ги прашуваме докторите кои во кампањата го промовираа Јакимовски, меѓу кои доктор Ристо Симеонов и доктор Игор Мерџаноски: Дали ова е здравствената визија за Карпош која што ни ја протежираа? Дали ова е таа нивна грижа за граѓаните на Општина Карпош? Дали терапијата за неспособност за работа навистина се спроведува во ‘Ејч енд ем’ и во ‘Зара’? А може да го прашаме и доктор Нико Беќаровски да ни објасни, ако е дел од оваа медицинско-политичка конзилијарна екипа, каква е дијагнозата кога човек не може да дојде на работа, ама може да оди на шопинг?“, рече Јакимовски.

    Тој апелираше до директорот на Фондот за здравство, Сашо Клековски, да провери дали Лукровски има комисиско боледување и врз основа на каква дијагноза му е продолжено ова боледување.

    „Проверете дали препишаната терапија подразбира и шетање по трговски центар и проверете ги, на крајот на краиштата, камерите во ‘Сити мол’. Ако некој мисли да прави пиши-бриши, да знаете дека имаме и сведоци.
    ​Почитувани, ова не е работа само за Сотир Лукровски, ова е јавна функција. Ова се народни пари. Ова е злоупотреба на институциите. Градоначалникот зема плата, бруто плата околу 3.000. евра, тие се пари на граѓаните. Затоа прашуваме дали граѓаните треба да плаќаат градоначалник кој не оди на работа, ама оди на пазарење ? И замислете, работното место му е само 300 метри оддалечено од ‘Сити мол’. Ако е болен, треба да се лекува. Ако може да пазари, може и да отиде на работа. Ако не сака да работи, тогаш нека си оди, да се решиме од него. Ако е тоа толку едноставно, граѓаните на Карпош не гласаа за шопинг-терапија, граѓаните на Карпош гласаа за градоначалник“, кажа Јакимовски.

    На 21 мај Клековски рече дека информации за боледувања може да побара ислучиво работодавачот. Во конкретниот случај тоа е самиот градоначалник Лукровски.

    „Знаете дека јас многу често коментирам боледувања и знаете многу добро дека во ниеден случај не сум спомнал име на осигуреник, а не дај Боже, дијагноза. ​Значи, информации за боледувања може да побара исклучиво работодавачот. И работодавачот може да добие информации за процедурата на боледувањето, во ниеден случај за дијагнозата. ​Така што, во основа, ако ве интересираат таков тип на информации, можам да ги дадам само на работодавачот. На негово барање“, одговори Клековски на новинарско прашање на прес-конференцијата за состојбите и функционирањето на јавните здравствени установи.

    Лукровски последен пат се појави во јавност на 4 мај, на панихидата за смртта на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје. Потоа, во јавноста се појавија информации дека Лукровски сакал да си поднесе оставка бидејќи не се снаоѓал во функцијата, но од владејачката партија не му дозволуваат. Од Општината на 8 мај испратија официјално соопштение до медиуми во кое се вели дека градоначалникот не поднел оставка, туку е привремено отсутен поради здравствени причини.

    Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, каже дека Лукровски нема дадено оставка и ги обвини сите што прашуваа дали градоначалникот има има поднесено оставка дека се „политички глодари“ и „се ситат на неговата здравствена состојба“.

    „Тој е на боледување. Во моментов во Општината има законски избран заменик-градоначалник кој што го заменува градоначалникот додека е на боледување поради одредени здравствени проблеми. Иако имаше и такви политички глодари кои што излегуваа и се ситеа на здравствена состојба на човек, јас нема да ги коментирам тие политички глодари. Му посакувам брзо опоравување на градоначалникот и што поскоро да се врати на својата работна позиција. Повеќе детали околу здравствената состојба ниту сум овластен, ниту би сакал да споделам“, кажа премиерот Мицкоски на 13 мај.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира