Недостигот од кадар сериозно го нарушува работењето на Домот за стари лица „Зафир Сајто“ во Куманово. Наместо предвидените 80, во установата работат само триесетина лица кои секојдневно се грижат за околу 180 корисници, додека Министерството за финансии три години не одобрува нови вработувања.
Во домот воопшто нема социјален работник, лекар, сметководител, правник, а фалат и негувателки, медицински сестри, психолози, стражари и друг стручен и помошен персонал неопходен за нормално функционирање. За негата на старите лица се задолжени само 13 негувателки и шест медицински сестри, распоредени во три смени, а според пропишаните нормативи, во секоја смена треба да има по една негователка на десет корисници.

Домот располага со прекрасен парк, но тој е недостапен за повеќето корисници кои не можат самостојно да се движат. Државните домови треба да го добијат местото кое што го заслужуваат оти ги граделе родителите на оние што денес се во нив и треба да им се овозможат похумани услови и нега, велат од Советот на корисници. (Фото: СДК.МК)
Домот за стари лица „Зафир Сајто“ годинава одбележува 70 години постоење. Тој е еден од најголемите и најстарите државни домови во земјата кој го покрива Североисточниот Регион. Поголемиот дел е реновиран, и во него се сместени корисници од сите делови на државата. Воедно, установата има и долга листа на чекање за прием на нови корисници. Домот располага со 3.300 метри квадратни внатрешна површина и со исто толкав двор.
Директорот Александар Крстевски, кој минатиот месец беше избран на функцијата, признава дека најголемиот проблем со кој се соочуваат е токму недостигот од кадар. Според систематизацијата треба да имаат 80 вработени, а располагаат со само 36, од кои шест се ангажирани преку Агенција за привремени вработувања. За сметководствените услуги и одржувањето на хигиената ангажирани се приватни фирми.
„За жал, имаме сериозен недостиг од кадар. Веќе одржавме работен состанок со министерот на оваа тема, бидејќи без доволен број вработени не можеме да обезбедиме квалитетна услуга. Во една смена работат само по три негувателки, што е премалку за околу 180 корисници, меѓу кои има и лица на Геријатриското одделение и неподвижни пациенти. Вработените го даваат својот максимум, но физички не можат да постигнат. Се надевам дека во наредните неколку месеци ќе успееме да решиме дел од проблемот. Тоа ќе биде мој главен приоритет. Останатите недостатоци се решливи со добро менаџирање“, вели Крстевски.
Незадоволни од состојбата се и семејствата на старите лица, кои преку Советот на корисници, заедно со поранешниот директор Дејан Стојановски, доставија петиција до Министерството за социјална политика, демографија и млади со барање за решавање на проблемот. Но, до денес нема одговор какви мерки ќе бидат преземени.

Во една смена работат само по три негувателки, што е премалку за околу 180 корисници, меѓу кои има и лица на Геријатриското одделение и неподвижни пациенти. Вработените го даваат својот максимум, но физички не можат да постигнат. Вработувањето ќе биде мој главен приоритет, вели новиот директорот Александар Крстевски. (Фото: СДК.МК)
„Петицијата ја покренавме за да укажеме дека проблемот е пресериозен. Ние секојдневно сме сведоци на она што се случува. Покрај основната нега, која мора да биде на повисоко ниво, корисниците немаат никакви други активности. Недостига персонал за стручна здравствена помош, едукативни и рекреативни содржини, физичка активност и дружења што би им го олесниле секојдневието. Домот располага со прекрасен парк, но тој е недостапен за повеќето корисници кои не можат самостојно да се движат. Новиот директор се труди да промени некои работи, меѓутоа без зголемување на бројот на вработени тешко дека тоа ќе го постигне. Државните домови треба да го добијат местото кое што го заслужуваат. Ги граделе родителите на оние што денес се во нив и треба да им се овозможат похумани услови и нега“, велат од Советот на корисници.
Од Министерството за социјална политика, демографија и млади, одговорија дека согласностите за нови вработувања ги издава Министерството за финансии и оти сите барања доставени од установата навремено се проследени. Посочуваат и дека обврска да помогнат имаат и Општините.

Пред секои избори политичарите редовно го посетуваат домот и ветуваат подобри услови за корисниците, а последното вработување било реализирано во 2023 година, за време на претходната Влада. (Фото: СДК.МК)
„Согласно важечките процедури, Министерството ги разгледува и обработува пристигнатите барања за вработување и, доколку истите се технички исправни и комплетни, ги проследува до Министерството за финансии, кое е надлежно за обезбедување финансиски средства во Буџетот и за давање соодветни согласности. Дополнително, потребно е да се има предвид дека домовите за стари лица се установи основани од единиците на локалната самоуправа, кои согласно законските прописи имаат надлежност да обезбедат услови за нивно непречено функционирање, вклучително и соодветни просторни, кадровски и материјални услови за вршење на дејноста“, се вели во одговорот од Министерството.
Советот на Општина Куманово минатата година даде согласност за 6 нови вработувања, при што беа примени медицински сестри и негувателки, на местата на оние кои заминаа во пензија, па малку се ублажи недостигот од кадар.
Пред секои избори политичарите редовно го посетуваат домот и ветуваат подобри услови за корисниците. Така во февруари 2024, пред парламентарните избори, тогашниот технички министер Ѓоко Велковски од домот најави дека грижата за старите лица ќе биде негов приоритет и дека социјалната политика ќе биде насочена кон достоинствено и активно стареење. Сепак, оттогаш не одобрено ниту едно ново вработување, иако Велковски две години беше заменик-министер, а сега е предложен за министер во реконструираната Влада чиј избор ќе биде на 13 јули. Последното вработување било реализирано во 2023 година, за време на претходната Влада.
Ваквата состојба покажува дека државните домови за стари лица не можат целосно да ги исполнат ниту законски пропишаните стандарди за работа, а уште помалку да се модернизираат и да ги прошират своите услуги. Со тоа тие се ставаат во понеповолна положба во однос на приватните домови, кои нудат поквалитетни услови, но за голем дел од граѓаните остануваат недостапни поради високите цени. Залагањата за безгрижно трето доба, според многумина, остануваат само декларативни ветувања на сите досегашни власти.
Во обид барем делумно да го ублажи недостигот од кадар, директорот Крстевски неодамна потпиша меморандум за соработка со средни училишта од здравствената, прехранбената и услужната струка. Со тоа на учениците ќе им биде овозможено да изведуваат практична настава во рамките на образовниот процес и да помагаат во секојдневното функционирање на Домот.
С. НИКОЛИЌ



