Велешанка е касната од пајакот црна вдовица на 22 јули во велешкото село Еловец и побарана е помош кога веќе отровот почнал да делува, потврдија од Велешката болница.
„Жена од Велес на 61-годишна возраст е донесена во Ургентниот центар во вечерните часови. Додека била во поле ја каснал пајак на левата надлактица. Пациентката се јавила со болки во раката и грбот, вртоглавица и грчеви по целото тело. Истата е згрижена, дадена соодветна терапија и во договор со Kлиника за токсикологија во Скопје трансферирана е кај нив за понатамошен третман“, соопшти д-р Ана Марија Џунџева, портпаролка на Општа болница Велес.
Пајакот кој ја каснал жената бил усмртен и донесен во болницата, даден на увид на дежурните лекари, кои потврдиле дека станува збор за црна вдовица. Лекарите во болницата не помнат дека во период од 40 години досега имаат примено ваков случај на каснување од овој вид на пајак.
Пајакот црна вдовица го има во карпестите делови на Велешко, каков што е случајот со селото Еловец. Неговиот отров е силен невротоксин. Каснувањето предизвикува силна болка, мускулни грчеви, потење и мачнина. Според стручната литература, црната вдовица не е агресивен инсект и напаѓа само кога е директно загрозен, ако случајно се нагази или притисне со рака при полска работа.
П. ПЕЧКОВ



