ЌЕ СЕ ОТВОРИ ПАТ ЗА КРАДЕЊЕ ДРЖАВНИ ПАРИ СО ПРЕДЛОГ-ЗАКОНОТ СО КОЈ „СКОПЈЕ 2028“ ЌЕ ТРОШИ БЕЗ ТЕНДЕР, ПЛАТФОРМАТА ЗА БОРБА ПРОТИВ КОРУПЦИЈАТА БАРА ИТНО ДА СЕ ПОВЛЕЧЕ

    ЌЕ СЕ ОТВОРИ ПАТ ЗА КРАДЕЊЕ ДРЖАВНИ ПАРИ СО ПРЕДЛОГ-ЗАКОНОТ СО КОЈ „СКОПЈЕ 2028“ ЌЕ ТРОШИ БЕЗ ТЕНДЕР, ПЛАТФОРМАТА ЗА БОРБА ПРОТИВ КОРУПЦИЈАТА БАРА ИТНО ДА СЕ ПОВЛЕЧЕПостапките ќе ги спроведува Фондацијата „Скопје европска престолнина на културата“, каде градоначалникот Орце Ѓорѓиевски за директор го назначи ексдиректорот на Македонската радио телевизија (МРТ) Марјан Цветковски. (Фото: СДК.МК)

    Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата бара од Собранието веднаш да го стопира донесувањето на Предлог-законот за спроведување на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028 година“ по скратена постапка, поднесен од група пратеници. Со предложениот Закон се предвидува за спроведување на овој проект, Градот Скопје да основа Фондација „Европска престолнина на културата – Скопје 2028 година“ и за набавките на таа Фондација да не се применува Законот за јавните набавки.

    Овој Предлог-закон по скратена постапка е ставен прв на денешната 119. седница на Собранието, два дена пред годишниот одмор на пратениците, и за него како и за уште неколку закони за задолжување на државата даден е простор само од 15 минути. Потоа почнува седницата број 97.

    За овој проект се предвидени 21 милион евра од кои 95 отсто се средства од државниот буџетот и буџетот на Град Скопје, а 500.000 евра од Европските фондови. Постапките ќе ги спроведува Фондацијата „Скопје европска престолнина на културата“, каде градоначалникот Орце Ѓорѓиевски за директор го назначи ексдиректорот на Македонската радио телевизија (МРТ) Марјан Цветковски.

    Платформата смета дека Фондацијата, која ќе биде основана од Град Скопје и финансирана од Буџетот, а и од пари од Европската Унија, е правно лице кое по сите основи треба да има статус на договорен орган кој мора да ги применува одредбите од Законот за јавните набавки.

    „Исклучувањето на идната Фондација како договорен орган од обврската да го почитува Законот за јавни набавки создава нееднаквост на институциите пред законот. Значењето и обемот на проектот, како и значителните јавни средства што ќе бидат употребени за неговото спроведување, бараат повисоко, а не пониско ниво на транспарентност, отчетност и заштита од корупција. Оттука, загрижува што во Предлог-законот не се предвидуваат само тесни исклучоци за уникатни авторски или уметнички услуги, туку целосно се исклучува општиот систем на јавни набавки, вклучително и за стандардни стоки, услуги, опрема, инфраструктурни и градежни работи за кои постои ефективна пазарна конкуренција”, алармира Платформата за борба против корупцијата.

    Платформата предупредува дека усвојувањето на ваков закон создава преседан.

    „Изземањето на еден субјект од Законот за јавните набавки со посебен закон воспоставува опасност со високи ризици од корупција која може да се повтори за секој иден проект прогласен за приоритетен. Дополнително, иако Советот на Град Скопје ја основа Фондацијата како правно лице, градоначалникот е тој што ги именува и разрешува членовите на Управниот и Надзорниот одбор на Фондацијата, а не Советот. Покрај широката дискреција што му е доделена на градоначалникот во процесот на именување и разрешување, за овие функции како и за функцијата директор, не се предвидени никакви минимални критериуми и стандарди што кандидатите треба да ги исполнуваат, ниту е пропишана ниту постапка за спроведување на изборот. Истовремено, Одборот на Фондацијата го усвојува планот за набавки, ги формира комисиите, одлучува за определени набавки и одлучува по приговорите на учесниците во постапките. Со тоа се концентрираат нормативните, управувачките и контролните овластувања во рамките на истата структура, без независна жалбена заштита и без гаранциите што ги обезбедува Законот за јавните набавки”, остро предупредуваПлатформата и бараат Собранието денеска да го повлече овој Предлог-закон.

    Објавувањето на договорите и последователната ревизија се важни механизми, но не можат да ги заменат јавната конкуренција, однапред утврдените законски постапки и независната правна заштита, укажува Платформата.

    И Државна комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) предупреди дека секое исклучување од Законот за јавните набавки мора да биде јасно образложено, пропорционално и да содржи силни механизми за спречување на корупција и злоупотреба на јавните средства.

    Комисијата нагласува дека транспарентноста, конкуренцијата, отчетноста и контролата не смеат да бидат загрозени, без оглед на моделот за реализација на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“.

    ДКСК сметаа дека носењето посебни закони што ги заобиколуваат системските закони претставува висок корупциски ризик и бара ваквите законски решенија претходно да бидат разгледани од Комисијата.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира