За помалку од четири недели комплетно е прочистен водоводниот систем во Гостивар како никогаш досега, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски. Главниот кризен штаб за управување со кризи вчера соопшти дека водата е прогласена за безбедна за пиење, откако беше забранета за пиење од 17 јули. Забраната беше донесена откако институциите утврдија дека пумпи 22 дена внесувале вода со фекалии во градскиот водовод. Заразени се над 5.000 граѓани, од 19 јули е прогласена епидемија, а на 21 јули Владата прогласи 30-дневна кризна состојба во градот.
Вчера членовите на Кризниот штаб се напија вода од чешма.
Мицкоски денеска кажа со водоводот и со снабдувањето со вода на граѓаните на Гостивар стопанисува јавното претпријатие кое има свое раководство.
„Раководството го поставува градоначалникот, а градоначалникот беше поддржан на локалните избори од страна на СДСМ. И затоа вие нема да слушнете од страна на СДСМ одговорност од градоначалникот, бидејќи тој е нивен кадар, туку ќе слушнете дека бараат одговорност од таму каде што таа одговорност ја нема, туку напротив, од страна на Владата ние дадовме сѐ што можевме потребата да се нормализира како никогаш досега. Обвинителството, а и МВР работат на веќе на истрага на тоа зошто во минатото, иако имало исто така голем број извештаи за квалитетот на водата во Гостивар којшто не соодветствувал и не бил задоволителен согласно правилникот, ништо не било превземено од некои претходни министри. И ценам дека на тоа треба повеќе да се посвети опозицијата, да даде одговор бидејќи тие министри биле во нивните редови, и можеби треба лично да ги прашаат зошто не постапувале“, рече Мицкоски по отворањето на новата спортска сала во Основното училиште „Круме Кепески“ во Кисела Вода во Скопје.
Премиерот рече дека Владата четири недели секој ден обезбедувала од 2 до 3 шлепери вода, отприлика од 50 до 60 тона вода за пиење додека не се прочисти доволно системот и додека параметрите не дојдоа на задоволително ниво, а веднаш после првата недела обезбедиле техничка вода.
„Од овој момент па натаму, грижата е целосно кон кон јавното претпријатие коешто дава таква услуга – тоа е Водоводот во во Гостивар. Инаку, што се однесува до одговорноста, знам дека Обвинителството постапуваше и веќе неколку лица се обезбедени, и знам дека Обвинителството сѐ уште постапува и од и од МВР сѐ уште истрагата не е завршена. И мислам дека истрагата треба да да продолжи до крај додека сите оние коишто имаат и најмала одговорност не бидат обезбедени и нормално не се констатира кој бил виновен за овој којшто којшто го имавме“, кажа Мицкоски.
На 21 јули, Основното јавно обвинителство Гостивар соопшти дека отвори истрага, по што судот изрече триесетдневен притвор за директорката на гостиварското јавно претпријатие „Комуналец“ и за двајца раководители на сектори, кои се сомничат за тешки дела против животната средина и природата. Тројцата се товарат дека дале налог за поставување пумпи со кои непречистена вода се мешала со водата за пиење, што доведе до масовно заболување на граѓаните.
Б. НЕСТОРОСКА



