Од Сараево за САКАМДАКАЖАМ.МК: Марина Лазаревска
„Добри луѓе“, документарецот на Милчо Манчевски со преживеаните од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, синоќа имаше светска премиера во натпреварувачката документарна програма на 32. Сараевски филмски фестивал. Филмот предизвика голем интерес кај фестивалската публика, која не можеше да ги скрие силните емоции. По проекцијата завладеа штама, а дури потоа беше разбиена со аплауз.
„Во оваа громогласна тишина се собра сета тага на Кочани што ја почувствува светот“, изјави режисерот Манчевски.
Пред почетокот на проекцијата, филмот го најавија Манчевски и селекторката на документарната програма на фестивалот, Рада Шешиќ. Во најавата таа истакна дека филмот не е само силен по приказната, туку е важен и по неговиот пристап и авторска позиција што ја одредил.
„Оваа сензитивна приказна не е воопшто лесна и не е лесно да ѝ се пристапи на темата, а ова е авторски труд што нè тера многу да размислуваме и по завршувањето на филмот. Естетиката на е воздржана и минималистичка за на тој начин уште посилно и поверодостојно да го соочи гледачот со страшните факти на трагедијата“, рече Шешиќ.
Манчевски рече дека „Добри луѓе“ не е само документарен филм, туку и документ. Во разговорот со публиката објасни дека екипата настојувала да не застане меѓу гледачите и луѓето чии приказни ги раскажува филмот.
„Како документаристи се обидовме да се тргнеме настрана, да го држиме егото настрана и да им го отстапиме местото на учесниците во оваа трагедија. Сметав дека приказните на овие луѓе луѓе кои минале низ пекол треба да се кажат директно, без посредници. Целта на секое уметничко дело е да искомуницира емоција, а само потоа може да искомуницира идеја или концепт“, рече Манчевски.
„Добри луѓе” е снимен со минимална филмска екипа, само еден месец по пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025, во кој загинаа 63 млади луѓе. Манчевски го сними со свои средства, бз учество на Агенцијата за филм, во знак на почит кон жртвите и преживеаните и на публиката ѝ ги носи непосредните сведоштва на тивките херои, кои се обидувале да спасуваат животи, но и на преживеаните.
Манчевски рече дека му е особено драго што светската премиера се случува токму во Сараево. Тој се потсети дека со „Пред дождот“ дошол на првото издание на Сараевскиот филмски фестивал во 1995, во периодот кога градот бил под опсада.
„Доаѓавме со конвој од Сплит, патувавме 14 часа и тоа беше многу чудно искуство. Сега, 30 години подоцна, повторно сум тука со филм што зборува за страдањата на човекот на еден посебен начин, во град што и самиот го има искусено тоа“, рече Манчевски.
Ана Вучева, една од учесничките во филмот, рече дека премиерата за нив била силно емотивно искуство.
„Ова за нас беше многу емотивно. Имавме моменти кога многу плачевме, но и се насмеавме и се навративме на сето она низ што поминавме. Неизмерно сме благодарни на вас, Милчо, зашто не беше цел ова да биде документарец туку да остане и да се знае во нашата историја тоа што градот Кочани го помина“, рече Вучева.
Александар Николов кажа дека за време на снимањето повторно се навратиле на најтешките моменти по трагедијата.
Иван Ивановски од „Сапорт Кочани“, кој е вклучен во визуелниот пристап на филмот како директор на фотогафија, рече дека целта била осветлувањето да остане ненаметливо, а луѓето и нивните зборови да бидат во прв план.
Публиката поставуваше прашања за процесот на снимање, за учесниците во филмот, но и за тоа дали случајот со пожарот во Кочани добил разрешница.
Македонската премиера на филмот ќе се одржи на 23 август на 17. МакеДокс, а најавени се и проекции во Торино и Њујорк во текот на есента.
Пред и по премиерата, „Добри луѓе“ и Манчевски беа во фокусот на меѓународните медиуми. Американскиот „Варајати“, „Синеуропа“, српските „Курир“, „Данас“, „Блиц“ и „Нова“, италијанскиот „Проџеоиталиањуз“ и други објавија интервјуа, текстови и осврти за филмот.
Во интервјуто за холивудскиот „Вараети“, Манчевски одговара на прашањата за одлуката, филмот да биде снимен со крајно воздржан израз:
„Почнавме да снимаме само еден месец по трагедијата. Одлучив ‘Добри луѓе’ да биде екстремно аскетски, строг и минималистички, за да го избегнеме искушението за филмска манипулација. Го тераме гледачот директно, лице в лице, да се соочи со зборовите и лицата на хероите и на жртвите. Наша задача беше да не се мешаме. Ние вредно работевме во позадина филигрански да создадеме една голема приказна од десетиците лични приказни, ама сакавме да останеме невидливи. Воздржаноста е збор на денот, а изненадува колку напор треба за да се постигне тоа.“
„Синеуропа“ пишува дека„Добри луѓе“ги прикажува преживеаните и тивките херои „не како симболи, туку како луѓе – луѓе кои страдаат, истрајуваат и се длабоко реални“.
„Овие луѓе зборуваат пред целосно воздржана, објективна камера, како да му се доверуваат на терапевт. Во тој процес, самите факти се претвораат во интимни сведоштва и, надминувајќи ја формата на документарниот филм, се испреплетуваат со филозофијата, етиката, психологијата и хуманизмот, надминувајќи го локалниот контекст и отворајќи универзални прашања за доброто и злото, животот и смртта и односот на човештвото кон нив“.
Данската публикација посветена на документарен филм, „Филм коментарен“, пишува за „Добри луѓе: „Всушност, ми недостигаат зборови за да пишувам за овој документарен филм на македонскиот мајстор Манчевски. Ова е филм кој остана со мене поради начинот на кој е направен.“ И потоа зборува за минималистичкиот пристап и за емотивното влијание: „Немаше ништо друго освен емпатија и љубов. Истото важи и за пристапот на филмската екипа – емпатија и љубов. Ви благодарам!“, вели критичарот у му дава оценка шест од шест.
Во освртот на филмот после официјалната проекција под наслов “Филм за Кочани после кој во салата завладеа штама”, „Данас“ пишува: „Манчевски повеќе го интересира моментот во кој човекот сфаќа дека би можел да умре. Или моментот кога, и покрај стравот, тргнува кон опасноста за да спаси некого друг. Во визуелна смисла, филмот е намерно воздржан. Идејата беше гледачот да не размислува за светлото, композицијата или техниката, туку да остане со луѓето и нивните зборови. Во време кога документарниот филм сè почесто користи постапки преземени од играниот филм – музика што ја нагласува емоцијата, реконструкции, глас надвор од кадарот, внимателно конструирани сцени – „Добри луѓе“ го избира спротивниот пат. Тоа „зрно надеж“ не е големо, ниту наметливо. Тоа не е филмски пресврт, кој трагедијата ја претвора во приказна со среќен крај. Луѓето кои ги изгубија најблиските не ги добија назад своите животи. Оние кои преживеаја не можат да го избришат она што го виделе. Но, во сведоштвата останува фактот дека едни луѓе, во најтешкиот момент, се обидувале да спасат други“.
Манчевски, продуцентите и дистрибутерите се откажаа од добивка, а целиот приход од филмот е наменет за жртвите во Кочани. Монтажер е Мишко Чунихин, директор на фотографијата е Иван Ивановски, музиката е на Игор Василев – Новоградска, а извршни продуценти се Татјана Ќурчинска-Пепељугоска и Лудовико Кантисани.





