Жителка на скопска населба, поздравувајќи ја акцијата за чистење на Град Скопје за која градоначалникот Орце Ѓорѓиевски објавил на официјалната фејсбук страна, била блокирана од него само поради коментар кој не содржел навредлива содржина или говор на омраза. Имено, таа објавила фотографија од депонија пред нејзината зграда и поставила прашање:
„Дали е можно и тој дел да биде опфатен со акцијата за чистење, со оглед на тоа што подолг временски период нема соодветно решение од надлежната Oпштина?“
Ѓорѓиевски ја блокирал за две-три минути откако граѓанката го поставила прашањето.
Ова се случило на 8 мај 2026 и граѓанката веќе на 11 мај го пријавила случајот во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КЗСД). Откако Комисијата побарала одговор од Ѓорѓиевски, а тој сосем ја игнорирал, таа утврдила директна дискриминација од негова страна врз блокираната скопјанка, врз основ на друго уверување во областа на јавно информирање и медиуми.
Подносителката во претставката навела дека коментарот не содржел навредлива или несоодветна содржина, туку бил насочен кон откривање на еколошки проблем, кој нејзиниот непосреден општински градоначалник го игнорирал, па затоа таа за проблемот го запознала скопскиот градоначалник Ѓорѓиевски. Таа се пожалила дека со блокирањето на официјалната фејсбук страна ѝ е оневозможен пристапот до информациите и до следењето на активностите на градоначалникот на Скопје.
Во продолжение на коментарот таа имала напишано: „Иницијативата за чистење е прекрасна. Гледам дека пишува оти ќе се опфатат повеќе општини. Се надевам дека ќе се опфати и нашата. Имаме долгорочен проблем со ѓубрето во населба… кој е пријавен неколку пати, но градоначалникот нема слух за него. Во прилог има слики за денешната состојба. Како да го решиме овој проблем? Дали може инспекцијата почесто да проверува во оваа населба бидејќи луѓето кои се вселуваат постојано оставаат кабаст отпад на тротоарите? Исто така, ако отпадот е веќе таму, верувам дека треба да е тргнат од службите. Каде треба да се пријавуваат ваквите проблеми освен во Општината?“.
Комисијата утврдила дека коментарот на подносителката е од јавен интерес и неговата содржина спаѓа во рамки на слободата на изразување.
„Носителите на јавни функции при користење на официјалните комуникациски канали имаат обврска да ги почитуваат начелата на еднаквост, транспарентност, отчетност и недискриминација“, утврди КЗСД која вели дека имаат и право да спречат злоупотреби, но не да дискриминираат луѓе поради различен став и мислење.
КСЗД му препорача на градоначалникот Орце Георгиевски да ја одблокира граѓанката, односно да ѝ овозможи пристап до неговата фејсбук страница веднаш, а не подоцна од 30 дена од денот на приемот на Мислењето и за тоа да ја извести Комисијата. Во спротивно, се наведува дека тој ќе биде пријавен до надлежен суд.
Во март годинава, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди направена дискриминација по основ на политичко убедување во областа на јавно информирање и медиуми и од страна на Општина Тетово, откако Општината го блокирала тетовскиот архитект Бошко Видоески за коментар на официјалната фејсбук страна.
С. К. ДЕЛЕВСКА



