ЗНАМЕ И СУКАЛО

Барем на 8 Септември да си дозволиме да се радуваме што имаме своја држава. Не е баш онаква каква што сме ја замислиле, ама наша си е. Со свое место на картата на светот. Ја одржавме сите ние - тие што останавме и тие што заминаа, а сѐ уште велат „дома“ кога мислат на Македонија.  И за тоа треба да си честитаме.

    ЗНАМЕ И СУКАЛО

    Со син ми, уште кога беше мал, секој 8 Септември го закачувавме државното знаме. На зградата немаме јарбол, па го ставаме на отворениот прозорец од ходникот во влезот, да се гледа на фасадата. Секој 8 Септември си имаме еден ритуал со импровизација. На едниот крај од знамето вметнуваме сукало. А потоа сукалото го врзуваме за оградата од скалиштето со врвките од моите новинарски беџови. Тоа се оние врвки на кои се закачени беџoвите со сликa и имe на новинарските акредитации.

    Многу убаво ми се ујдисуваат врвките. И тамам е што се баш тие – беџoт од Лондонската конференција за бивша Југославија 1992, Самитот на Европската заедница во Единбург 1992, Советот на Европа, Стразбур 1995, КЕБС, Лисабон 1995, Генералното собрание на ОН, Њујорк 1995, Солунскиот Самит на ЕУ, 2013, Самит на НАТО, Вашингтон 2024…

    Таа сложена операција на врзување на јазлите со сукалото е овозможена затоа што сум бил таму како новинар. Сум известувал за држава што штотуку почнувала да се снаоѓа како независна.

    Ретка привилегија е да живееш во време на создавање и зреење на сопствената држава. Како новинар, пак, мислам дека сум благословен дека не сум бил само сведок и записничар, туку и учесник во некои од историските настани.

    И тоа многу ми значи.

    Кај татко ми дома се зборувало на влашки и на македонски јазик. Кај мајка ми – на македонски. Ама и двајцата, кога биле деца, се школувале на јазици што не им биле мајчини.

    Јас учев на македонски.

    Пишувам на македонски.

    Моите деца се родија и израснаа во независна македонска држава.

    Знам дека државата не ни е совршена. Често се разочарувам. Многупати им се лутам на тие што ја водат.

    Ама во лутината понекогаш забораваме дека државата не се политичарите. Особено не оние што за сопствените неуспеси секогаш наоѓаат оправдување, а најчесто нѐ обвинуваат нас, граѓаните. Небаре ние сме им должни благодарност затоа што треба да си ја вршат работата за која ги плаќаме.

    Државата сме ние.

    Затоа, барем на 8 Септември да си дозволиме да се радуваме што имаме своја држава. Не е баш онаква каква што сме ја замислиле, ама наша си е. Со свое место на картата на светот. Ја одржавме сите ние – тие што останавме и тие што заминаа, а сѐ уште велат „дома“ кога мислат на Македонија.  И за тоа треба да си честитаме.

    Кај нас дома веќе никој не сука кори за пита. Сукалото сепак си има државна функција.

    Знамето повторно е закачено на него, врзано со врвките на моите стари новинарски акредитации, секоја од нив со интересна приказна запишана во историјата на македонската државност.

    Нека ни е честит Денот на независноста. Нека е за многу години.

    AUDIO PODCAST

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира