Земјоделци и сточари од цела Македонија денес излегоа на генерален протест, блокирајќи го патот Битола-Прилеп кај селото Тополчани, незадоволни од неисплатените субвенции и ниските откупни цени.
„Со моменталната цена на млекото и нафтата, сме на работ да преживееме и да ја прехраниме стоката. Со месеци чекаме да ни ги исплатат субвенциите по литар предадено млеко. И тоа шест месеци од 2025 и првите четири месеци од 2026 година, што значи вкупно 10 месеци немаме земено денар. Станува збор за субвенцијата од шест денари по литар, во услови кога откупната цена на млекото од 32 падна на 25 или 26 денари. Со секој литар предадено млеко имаме страв дали утре ќе дојде млекарницата да го земе или ќе го остави. Во 2024 и 2025 година ни даваа субвенции од 12.000 денари за обележано грло стока, а од 2026 година по 8.000 денари. Со изменетиот правилник, не се зема предвид грло помладо од 12 месеци и постара крава од 80 месеци“, рече Тони Петровски, претседател на „Пелагониско Поле“.
Сточарите побараа да се врати стариот Правилник за утврдување на условите за субвенциите, да се зголемат субвенциите по грло од 12.000 на 15.000 денари и да добиваат по 10 денари субвенција по предаден литар млеко.
Субвенции не се исплатени ни во овчарството. Над 10.000 овци угинаа од овчи сипаници, а сточарите велат дека уште чекаат да се набават вакцини од Турција.
Земјоделците се пожалија дека катастрофални се и состојбите во полјоделството.
„Цената на пченицата во 1993 година беше 13 денари, а во 2026 година 10 денари. Која економија е ова? Во 1993 година нафтата беше 17 денари, вреќата ѓубре 250, денес литар нафта 100 денари, а вреќа ѓубре 1.600 денари. Ние сме назад, земјоделците, 33 години“, рече Зоран Јанкулов, земјоделец од Кавадарци.
Миле Кебакоски од здружението „Фармери Југозапад“ од Прилеп рече дека во овие услови не се исплатува да се сеат житни култури. Побара да им се исплатат субвенциите, да се поделат картичките за нафта и да се гарантира откупната цена. Во услови кога откупот на житото е 10 денари за килограм, државата да им даде уште 5 денари.
Кон протестот се приклучија и градинарите од Струмичко и лозарите од Кавадарци.
„Дури 70 проценти од лозјето остана по нивите, тоа не е наша грешка. Бараме под итно 150.000 денари од хектар како кризна дополнителна мерка за лозарите“, рекоа кавадарчани.
Присутните протестот го оценија како историски, зашто ги обедини сите земјоделци од Македонија.
„Ситуацијата е алармантна. Донесени сме во ситуација да не можеме да засадиме, немаме пари да ја започнеме следната реколта. Сето тоа ќе се рефлектира врз цената и недостатокот на храна. Упатуваме прашање до креаторите на политики во државата – дали ѝ требаат земјоделци на оваа држава и храна? Ако не им треба, да кажат, да се пријавиме социјалци и да живееме на грбот на државата“, рече Ѓоре Каракашов од Националната земјоделска мрежа.
Барањата од протестот ќе ги испратат до Владата, давајќи ѝ рок од една недела да ги исполни. Во спротивно, ќе преземат други радикални мерки.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



