УНИШТЕНИ ДЕСЕТИНА СПОМЕНИЦИ НА ГРОБИШТАТА ВО ВЕЛЕШКАТА ЦРКВА „СВЕТИ СПАС“

    УНИШТЕНИ ДЕСЕТИНА СПОМЕНИЦИ НА ГРОБИШТАТА ВО ВЕЛЕШКАТА ЦРКВА „СВЕТИ СПАС“Спомениците во внатрешноста во дворт, во местото познато како Влашки гробишта, не се искршени редум, еден покрај друг, туку на различни места, без некаков ред или низа. (Фото: СДК.МК)

    Споменици од гробните места во дворот на црквата „Свети Спас“ во Велес се уништени, некои се искршени, други оштетени, а трети откорнати од постолјата. Се наоѓаат во внатрешноста во дворт, во местото познато како Влашки гробишта. Спомениците не се искршени редум, еден покрај друг, туку на различни места, без некаков ред или низа.

    Не се знае кога се случил инцидентот, ниту колку вкупно споменици се оштетени. Според продавачите на цвеќиња, кои се тука секојдневно, можно е вандализмот да се случил на 23 октомври. Тие велат дека никогаш досега немало толку многу луѓе што доаѓаат на гробиштата претпладне во работен ден како денес. Роднините се гневни и лути поради она што го виделе.

    „Дојдов да проверам каква е состојбата со спомениците на моите родители и роднини. Дознав дека се искршени. Што да видам – и нашиот фамилијарен споменик е искршен. Кому му пречат овие спомен-обележја? Не ги оставаат мртвите ниту да почиваат во мир, иако се одамна погребани. Очекувам сторителите да бидат најдени. Ова нема врска со разум. Ова е вандализам“, вели велешанец чиј фамилијарен споменик е искршен.

    Бројни членови на семејства денеска дојдоа да проверат каква е состојбата со нивните гробни места. Бројката тешко може да се утврди, но сигурно станува збор за повеќе од десетина искршени, уништени или оштетени гробни обележја. Има сведоци кои потсетуваат дека во дворот на црквата „Свети Спас“, не така одамна, имало случаи кога говеда на сопственици кои живеат во близина биле пронајдени како шетаат внатре.

    Поради бројните кражби, во црквата е поставен видеонадзор. Во изминатиот период од црквата пријавиле кражба на метална врата и пластични канти за отпад. Иако за тоа имало видеоснимки, полицијата не ги зела предвид. Меѓу лицата кои денес ги посетија гробиштата беше и поранешен чувар, кој потсети дека пред триесетина години биле уапсени лица кои ги откопувале гробовите и земале злато од починатите, за што биле осудени.

    Законот предвидува  дека оштетувањето и уништувањето гроб претставуваат кривично дело за кое е предвидена и казна затвор до три години. Според член 400, став 2 од Кривичниот законик, тој што ќе осквернави два или повеќе гроба, ќе разурне или оштети гроб или друго место во кое се закопуваат умрените или грубо ќе ги повреди, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.

    Од велешката полиција ни изјавија дека досега добиле две пријави за оштетени споменици во дворот на црквата „Свети Спас“, кои биле поднесени вчера.

    „Полициските службеници презедоа мерки и активности за утврдување на причините и околностите под кои настанало оштетувањето, а извршен е и службен разговор со вработени во ЈКП ‘Дервен’. СВР Велес презема понатамошни службени дејствија и проверки за утврдување на причините за настанатите оштетувања и пронаоѓање на сторителите“, изјави Ана Милевска-Ѓеоргиева, портпаролка на СВР Велес.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира