Ќе се уриваат објектите на средните училишта „Кочо Рацин“ во Ѓорче Петров и „Браќа Миладиновски“ во Драчево и ќе се градат нови. На последната седница на Советот на Град Скопје, со ребалансот на буџетот обезбедени се два милиона евра за изградба на новите објекти на овие училишта.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски рече дека овие училишта се во лоша состојба и затоа овој проект бил во неговата изборна кампања.
„Предолго учениците во овие училишта се образуваа во крајно несоодветни услови. Предолго наставниците пренесуваа знаење во простории што не одговараат на потребите на современото образование. Затоа преземаме обврска да изградиме целосно нови училишта, достојни за нашите деца и за нивните наставници“, рече Ѓорѓиевски.
Советникот на СДСМ, Горан Симовски, ја критикуваше оваа одлука на градоначалникот, велејќи дека училиштето во Ѓорче Петров е реновирано пред пет години, за што од буџетот на Градот тогаш биле издвоени 54 милиони денари.
„Како жител на Ѓорче Петров, приоритет не е нов објект за средното училиште, туку школо и градинка во новата населба Александрија. Таму се направија згради, а секој ден никнува и нова, но децата нема каде да учат и да одат во градинка. Наместо да се троши милион евра за средно школо во кое годинава ќе завршат 40 ученици, и тоа 21 во гиманзија, 14 во економски смер и 4 во текстилен смер, можеа со меѓуопштинска соработка да се наменат парите за основно училиште во Александрија. Притоа, во школото ‘Кочо Рацин‘ со реновирањето пред неколку години се изврши замена на надворешните и внатрешните ѕидови, поставени се нов кров и под, заменети се електричната и водоводната инсталација и поставени се нови санитарни јазни и нова фасада. Пред четири години сме вложиле милион евра и сега на тоа место ќе правиме ново училиште“, рече советникот Симоновски.
Оваа учебна година има 433 паралелки помалку од лани, од кои 222 во основно и 211 во средно образование, откако Министерството за образование и наука реши да ги спои малите паралелки во една поголема. Вкупната бројка на празни училишни објекти во земјава, претежно во руралните средини, изнесува 148.
„Ја користам приликата да ја информирам јавноста дека ако продолжиме вака, постојано ќе затвораме училишта. Ние пред три години направивме сликовница за прво, второ и трето одделение што се вика ‘Јас, мама, тато, дада и бато‘. Оттука порака за првачињата: освен тоа што ќе побараат да стекнат знаење, можеби треба да побараат и братче и сестриче, за да можеме овие привремено затворени училишта повторно да ги отвориме во иднина“, рече министерката за одбразование Весна Јаневска на 1 септември во училиштето „Ацо Шопов“ во Општина Бутел.
Во октомври 2024, таа кажа дека во Македонија има 3.000 наставници вишок, кои работат во паралелки со 9, 12 или 17 ученици и затоа е неопходна едносменска и целодневна настава.
- ПРВАЧИЊАТА ТРЕБА ДА ПОБАРААТ БРАТЧЕ ИЛИ СЕСТРИЧЕ ЗА ДА НЕ СЕ ЗАТВОРААТ УЧИЛИШТА, РЕЧЕ ЈАНЕВСКА
- ВИШОК СЕ 3.000 НАСТАВНИЦИ, НЕМА ДА ГИ ОТПУШТИМЕ ТУКУ ЌЕ ИМ ДАДЕМЕ ДОПОЛНИТЕЛНИ АНГАЖМАНИ, РЕЧЕ ЈАНЕВСКА
А. АНТЕВСКА



