ТЕПАЧОТ НА ДЕВОЈКАТА ВО ОХРИД ИМАЛ 1,29 ПРОМИЛИ АЛКОХОЛ ВО КРВТА

    ТЕПАЧОТ НА ДЕВОЈКАТА ВО ОХРИД ИМАЛ 1,29 ПРОМИЛИ АЛКОХОЛ ВО КРВТАДевојката била пронајдена и итно пренесена во болница, каде што била хоспитализирана и задржана на лекување поради сериозноста на состојбата (Фото: СДК.МК)

    Тепачот на девојката во Охрид, против кого СВР Охрид поднесе кривична пријава за „Тешка телесна повреда“, имал 1,29 промили алкохол во крвта, покажало алкотестирањето. Ова денеска го соопшти портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски, кој информираше за преземените полициски активности за расчистување на случајот.

    „Извршено е алкотестирање на можниот сторител, поточно на лицето против кое е поднесена кривичната пријава. Кај него се констатирани 1,29 промили алкохол во крвта, по што и по овој основ против него ќе биде поднесена соодветна пријава“, изјави Димоски.

    Тој појасни дека веднаш по добивањето на пријавата полицијата презела оперативни мерки, а бил формиран и посебен тим од полициски службеници од униформираниот состав и криминалистичката полиција.

    На 15 ноември, во 00:05 часот, 31-годишниот охриѓанец бил пронајден, лишен од слобода и задржан како можен сторител на кривичното дело „Тешка телесна повреда“.

    Истиот ден, во 00:58 часот, во СВР Охрид била пријавена и закана преку мобилен телефон од член на семејството на 31-годишникот.

    По оваа пријава, полицијата го пронашла и лишила од слобода 49-годишник од охридско село, за кого постојат основи на сомнение дека упатувал закани кон семејството на осомничениот за нападот, а станува збор за член на семејството на оштетената девојка. Против него денеска е поднесена кривична пријава за „Загрозување на сигурноста“.

    Димоски информираше дека во координација со јавен обвинител биле извршени разговори со оштетената и осомничениот, како и со лица кои можат да имаат сознанија за настанот. Прегледани биле и безбедносните камери за да се утврдат околностите пред и по нападот.

    Портпаролот потврди и дека возилото БМВ поврзано со случајот е одземено.

    „Возилото е одземено. Кривичната пријава што е поднесена се однесува на сомнение за сторено кривично дело ‘Тешка телесна повреда’, а по дополнително преземените мерки ќе бидат поднесени и други пријави по други основи“, изјави Димоски.

    Во однос на одлуката осомничениот да се брани од слобода со мерки на претпазливост, Димоски рече дека не сака да ги коментира одлуките на правосудните органи.

    Тој нагласи дека полициските активности продолжуваат и по поднесувањето на кривичната пријава, со цел целосно утврдување на сите околности поврзани со нападот.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира