Основното јавно обвинителство (OJO) Гостивар донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 52-годишниот М. М. кој вчера ја претепа 42-годишната сопруга која е во животозагрозувачка состоја во КАРИЛ на скопскиот клинички центар „Мајка Тереза“. Постапката е поради основано сомнение дека извршил кривично дело Убиство од член 123 став 2 точка 2 во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик.
МВР денеска соопшти дека мажот е лице со нарушено ментално здравје и е спроведен во психијатриската болница во скопско Бардовци, а при апсењето давал отпор и физички нападнал полициски службеници и повредил еден од нив.
„На 27 ноември, при вршење на семејно насилство, осомничениот 52-годишник со умисла се обидел да ја лиши од живот неговата сопруга. При расправија во семејниот дом во селото Топлица, осомничениот употребил физичка сила и остар предмет со кој повеќепати ја удирал оштетената во главата, лицето и телото. На жената и нанел повеќе тешки телесни повреди, убодни рани и скршеници на повеќе ребра од кои таа паднала во бесзонание. Настанот во полициска станица го пријавил таткото на осомничениот, а кога полициските службеници пристигнале на местото, ја пронашле жената без свест“, соопшти Обвинителството.
Ценејќи ги сите околности, тежината на стореното кривично дело, опасноста од бегство и влијание врз сведоци, како и можноста да го доврши делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
Жената од Гостивар синоќа претепана од сопругот во тешка состојба била донесена на Ургентен центар во Скопје, а потоа во животозагрозувачка состојба беше пренесена на интензивна нега на КАРИЛ.
„42-годишна жена од Гостивар е примена во Универзитетскиот клинички центар во 18:08 часот со повреди на градниот кош и главата. Според анамнестичките податоци, повредите ѝ биле нанесени од нејзиниот сопруг. По извршените дијагностички процедури, констатирани се тешки телесни повреди: скршеници на седмото до десеттото ребро, делумен пневмоторакс и мала плеврална ефузија лево, како и мало крварење во главата. Пациентката е примена на КАРИЛ за понатамошно лекување и следење“, ни рече д-р Игор Мерџаноски, директор на ТОАРИЛУЦ.



