Реката Црна донесе ѓубре од Битола и Прилеп, од викендаши но и од несовесните поединци од околу три илјади викендички крај Тиквешкото Езеро, и се создаде депонија на брегот пред браната. Тиквешкото Езеро е втора по големина вештачка акумулација во државата.
„Загрижува што дури и некои од оние кои имаат викендички околу езерото се однесуваат немилосрдно кон прекрасната животна средина. Дали шатките заслужуваат да јадат од нашето ѓубре? Дали треба немо да поминеме покрај фактот дека ѓубрето потекнува од нас?“, вели Роберто Паризов, претседател на еколошкото друштво „Еко-живот” од Кавадарци, регионален еколошки центар и член на Движењето на екологистите на Македонија.
Жители од селото Возарци создале исто така диви депонии од ѓубре и шут и на самиот пат од селото кон езерото.
„Секој што создава депонија, согласно на законот за јавна чистота е подлежен на прекршочна санкција“, вели Јованче Колев, инспектор за животна средина и комунални дејности при Општина Кавадарци. Тој вели дека се оди со опомени и со прекршочни постапки за загадувачите, но нема точна бројка на процесуирани казни.
Градоначалникот на Кавадарци Александар Панов вели дека како општина ќе учествуваат во поддршка на еколошките акции кои се организираат за чистење на диви депонии.
„Но истовремено, покрај чистењето и едукациите за зголемување на еколошката свест, мора да има и казни за несовесните. Мој предлог е во иднина казнувањата да се вршат од една централна инспекција, која би праќала инспектори од еден град да казнуваат непромислени во друг град, за да немаме обиди во малите средини преку фаќање на роднински и пријателски врски, да се кинат казните против прекршителите на законот“, вели Панов.
Во организација на еколошкото друштво, а со поддршка на локалните самоуправи Кавадарци, Неготино и Росоман, ученици од трите општини исчистија дел од ѓубрето, но таму остана уште многу отпад кој треба дополнително да биде исчистен. Од друштвото најавија и следна акција со ученици.
Ѓорѓи Поп Ицов, раководител на сектор за комунална хигиена при Јавното претпријатие „Комуналец“ од Кавадарци, вели дека постојано во соработка со локалната самоуправа чистат диви депионии на разни локации во општината, но повторно никнуваат нови.
С. ДАРУДОВА