НАТАША ПЕТРОВИЌ ГЛУМИ ВО ТЕАТАР НА ОФ-БРОДВЕЈ, ВО РЕЖИЈА НА ПРАВНУКОТ НА ТОЛКИН

    НАТАША ПЕТРОВИЌ ГЛУМИ ВО ТЕАТАР НА ОФ-БРОДВЕЈ, ВО РЕЖИЈА НА ПРАВНУКОТ НА ТОЛКИННаташа Петровиќ во 2011 на Берлинале ја прими наградата Ѕвездите на Европа од британската ѕвезда Реиф Фајнс

    Македонската глумица Наташа Петровиќ игра главна улога во театарска претстава на сцена во театар на Оф-Бродвеј во Њујорк, по текст и режија на Николас Толкин, правнук на Џ.Р.Р. Толкин, авторот на светски познатите книги „Хобит“ и „Господар на прстените“. „Терезин“ е театарско деби на Николас Толкин, кој претходно режирал неколку филмови, меѓу кои „Маскарада“ во 2012, а има добиено голем број награди за неговите збирки поезија. Според театарскиот жаргон на Њујорк, за Оф-Бродвеј се сметаат театрите кои имаат нешто помал капацитет од оние големите на Бродвеј.

    Плакатот за претставата „Терезин“ која од 13 јуни до 2 јули ќе игра во Њујорк, во продукција на театарската компанија „Толкин“

    Претставата „Терезин“ е трагична драма за две млади еврејки, Алекси – талентирана виолинистка (Петровиќ) и нејзината другарка Вајолет кои, за да ги спасат своите животи, се приморани да глумат во пропаганден филм во концентрациониот логор Терезин во Чешка. Вајолет одеднаш ќе ја снема, а Алекси ќе добие „понуда од Ѓаволот“ од нацистичкиот командант Карл Рам, да го научи да свири на виолина, а тој за возврат ќе ѝ открие каде се наоѓа Вајолет.

    „Но како може таа да му верува на злобен човек кој наредува истребување на нејзиниот народ “, вака откриваат дел од содржината продуцентите.

    „Живееме во тешки времиња, економски и политички. Војни има низ целиот свет. ’Терезин’ е потсетување на она што може да се случи, ако молчиме. Драмата ќе ја соочи публиката со злото и добрината на човечкото суштество“, вели режисерот Николас Толкин

    Вајолет ја игра актерката родена во Украина, Саша К. Гордон, која од 16 години живее во САД, а Мајкл Ли Кук, наградуван продуцент и актер го игра командантот Карл Рам. Претставата е во продукција на театарската компанија „Толкин“, која на нивниот сајт најавува дека светската премиера во театарот „Питер Џеј Шарп“ е на 16 јуни.

    „Терезин“ е адаптирана според дневници на повеќе Евреи во Терезин, според сведоштва на Евреи кои биле раскажани на волонтери на Црвениот крст, како и според нацистичкиот пропаганден филм кој бил снимен во кампот.

    Режисерот и автор Толкин повеќе години патувал и интервјуирал сведоци на холокаустот, и првично планирал „Терезин“ да биде трилогија, секоја верзија со по 580 страници. Но, за време на пробите утврдил дека има голем материјал и ја скратил претставата на 2,5 часа.

    „Живееме во тешки времиња, економски и политички. Војни има низ целиот свет. Владеат нетолеранцијата, поделбите и неправдите. ’Терезин’ е потсетување на она што може да се случи, ако молчиме. Драмата ќе ја соочи публиката со злото и добрината на човечкото суштество“, изјавил Толкин.

    Продуцентите ја најавуваат Наташа (29 години) како македонска актерка со кариера во подем, како актерка која „Варајети“ во 2011 ја опиша како млада Ингрид Бергман. Наташа  првата филмска улога ја имаше во 2007 година во „Сенки“ на Милчо Манчевски, а светска слава почна да добива по учеството на Берлинскиот филмски фестивал во 2011, кога беше прогласена за една од десетте филмски надежи на Европа, во програмата Шутинг старс. Асоцијацијата на европски филм ја одбра Наташа по главната улога во шведско- македонската копродукција „Како да ме нема“ на ирската режисерка Хуанита Вилсон. Филмот доби повеќе меѓународни награди, меѓу кои за најдобра женска улога за Наташа на фестивалот во Сиетл.

    Петровиќ изминативе години е активна, како во матичниот Театар за деца и младинци, така и во независната театарска сцена. Глумеше и во повеќе македонски филмови како „Соба со пијано“ на Игор Иванов- Изи, „До балчак“ на Столе Попов, во германскиот филм „Еликсир“ на Броди Хигс, лани го сними турско-босанскиот „Траги од минатото“ на Рашит Горгулу и на Ведат Демир, а минатата недела имаше премиера со краткиот македонски филм „Ќе дојдат децата“ на Ана Јакимска.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира