ПРОТИВ РУДНИЦИ НА КОЖУФ ЌЕ ИМА БЛОКАДИ НА ПАТОТ, А НЕ РЕФЕРЕНДУМ, ВЕЛИ КАВАДАРЕЧКИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК ПАНОВ

    ПРОТИВ РУДНИЦИ НА КОЖУФ ЌЕ ИМА БЛОКАДИ НА ПАТОТ, А НЕ РЕФЕРЕНДУМ, ВЕЛИ КАВАДАРЕЧКИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК ПАНОВАко има нешто што би ја загрозило животната средина, сега и во иднина, многу поефикасен и подобар метод е блокирањето на тој пат и никој да нема пристап таму. Да минираме некоја карпа и воопшто никој да не се движи во тој регион, отколку да одиме на референдум, вели градоначалникот на Кавадарци Александар Панов;- падините на Кожуф (Фото: СДК.МК)

    Сега засега Кавадарци нема потреба од референдум, вели кавадаречкиот градоначалник Александар Панов, на прашањето дали после референдумот во Гевгелија, градот на грозјето е спремен за референдум против рудници на Кожуф планина. Тој смета дека блокирање на пристапот до планината е поефикасно решеие да се спречи каква било градба на рудник во овој регион.

    „Лично би сакал да кажам дека ако има нешто што би ја загрозило животната средина, сега и во иднина, многу поефикасен и подобар метод е блокирањето на тој пат и никој да нема пристап таму. Да минираме некоја карпа и воопшто никој да не се движи во тој регион, отколку да одиме на референдум и потоа во зависност од интересот на одередни меѓународни корпорации или индивидуи од Република Македонија, да се бори некоја концесија, па потоа да се даде рудник, па да се гради топилница и така натаму”, вели Панов.


    На територијата на Општината Кавадарци се работи на две испитувања, за дополнителен коп или локација за уште еден рудник за никел, а локалната сампправа даде негативно мислење за барање за концесија за испитување на територијата која беше во близина на извориштата од регионалниот водовод Лукар (Фото: СДК.МК)

    Неговите  информации се дека на територијата на Општината Кавадарци се  работи за   две испитувања, едното за дополнителен коп или локација за уште еден рудник за никел.

    „Другото беше спроведено од скопска компанија, за испитување на лорандитот или минералот на талиумот, елементарно ископување за издвојување  на одредено  количество на лорандит и негово доставување во некои институции и институти во Австрија, Белград и слично. Тоа е тоа, колку јас што знам. Имавме и едно барање за концесија за испитување на територијата која беше во близина на извориштата од регионалниот водовод Лукар, за што ние како локална самоуправа дадовме негативно мислење. Независно од тоа дали се работи за злато или за било какви други минерални суровини, сѐ она што е во заштитната зона на извориштата е пропратено со негативен одговор од Општината. Бидејќи едноставно, пробивањето шумски пат во изминатиот период беше штетно и се одрази негативно врз заматувањето на водата, а камоли пак да има минирање, бушотини и слично”, вели Панов.

    Тој нагласува дека дека Кавадарци, но и Општините Росоман и Неготино зависат од извориштата Лукар и бидејќи водат е од егзистенцијален карактер не може да се спореди со други благодати како што се работни места, отварање фабрики и топилници и слично.

    „Кавадарци како град е на врвот на економскиот развој и не му требаат дополнителни работни места, така што мислам дека од интерес на кавадарчани е да си го задржиме тоа што го имаме и овој процент на невработеност. А не да создаваме идни капацитети во кои би се вработувале луѓе надвор од општината. Така што, ова е мое размислување, јас бев во контакт и со градоначалникот на Гевгелија, активистите  од  иницијативата за спас на Кожуф исто така беа кај мене да ми презентираат што би можело да се случи. Секако, постапката од испитување па до давање на концесија е многу долга и многу гломазна, а подразбира и вклучување на јавноста во целата таа постапка. Мислам дека сѐ уште е рано нешто да превземеме. И ќе повторам, доколку има нешто екстремно и нешто што се сака по секоја цена да се реализира, а е во спротивност со  интересите на кавадарчани, има и други методи освен референдумот. Оти референдумот може и да не успее. А ако не успее, има подруга ситуација”, вели Панов.

    С. ДАРУДОВА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира