ЗИЈАДИН СЕЛА ИЗЛЕЗЕ ОД БОЛНИЦА, СЛЕДНАТА НЕДЕЛА СЕ ВРАЌА ВО СОБРАНИЕ

    ЗИЈАДИН СЕЛА ИЗЛЕЗЕ ОД БОЛНИЦА, СЛЕДНАТА НЕДЕЛА СЕ ВРАЌА ВО СОБРАНИЕ„Работата нѐ чека”, кусо рекол Зијадин Села пред да влезе во колата со која заминал (Фото: принтскрин од видео емитувано на Алсат-М)

    Лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села излезе од тетовската болница, каде беше лекуван по повредите што ги доби кога беше брутално претепан при организираниот напад на Собранието на 27 април, објавија „Тетова сот“ и Алсат-М. Села беше најтешко повреден, кога демонстранти упаднаа во Собранието и ги нападнаа пратениците од парламентарното мнозинство.

    Според видеоснимката, Села на излегување беше дочекан со аплауз пред влезот на болницата од пријатели и приврзаници.

    „Работата нѐ чека”, кусо рекол  Зијадин Села пред да влезе во колата со која заминал.

    Според „Тетова сот“, лекарите барале Села да продолжи со лекувањето во болница до средината на идната недела, но тој инсистирал да излезе денеска. Неколку дена ќе остане на домашно лекување, а потоа се враќа во неговата канцеларија во Собранието.

    Пред два дена, Села во болница го посети и лидерот на СДСМ Зоран Заев, кој рече дека здравствената состојба му се подобрува и дека разговарале за идните чекори околу придвижувањето на политичките процеси во Македонија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира